Премиерот Груевски најави набавка на уште два акцелератори

На почетокот на следната година ќе почне постапка за набавка на уште два акцелератори, кои ќе бидат сместени во болниците во Штип и во Битола. Нивната набавка и изградбата на специјалните бункери во кои ќе бидат поставени треба да заврши до крајот на 2013 година, со што ќе се надминат проблемите со чекање за прегледи и закажувања.

Тоа го најави денеска премиерот Никола Груевски одговарајќи на новинарски прашања по пуштањето во употреба на патот  Зелениково-Ново.  

Со постојните два акцелератори и со набавката на уште два, според Груевски, ќе бидат задоволени потребите за вакви апарати, со оглед дека истражувањата покажуваат оти е неопходен по еден акцелератор за 500.000 жители.

- Идејата е двата акцелератори да покриваат поголеми подрачја во кои ќе бидат сместени, Штип, како  центар на Источна Македонија, каде што ќе гравитираат повеќе жители од тој  дел, и Битола  како центар во југозападниот дел каде што ќе гравитираат не само жители од Битола туку и од блиските места  до овој град. Ова многу ќе им помогне на болните од карцином, кои имаат  неопходност од користење ваков апарат. Во истржувањата  дознавме дека пракса е да има по еден акцелератор  на 500.000 жители, така што  со овие четири практично ќе бидат задоволени потребите на Република Македонија, рече Груевски.

Тој појасни дека процедурата  за  набавка е  малку подолга од причина што не е во прашање  само тендерот за набавка. Откако  ќе се изврши набавката, ќе се види кој е набавувачот и со какви димензии ќе се набави  таков апарат, потребен е градежен зафат, односно градење  специјално место, т.н градежен бункер каде што ќе биде сместен акцелераторот затоа што има зрачење, со соодветни  стандарди кои се применети секаде во светот.  

-  И градежниот зафат ќе одземе некое време,  прво во проектирање, а потоа и во градба,  и очекувам некаде во  20013 година целокупната постапка за набавка на акцеларторот, а потоа на проектирање и изградба на градежниот дел, да заврши во 2013 година  и целосно да се реалаксираат состојбите во однос на закажувања и чекања, листи на чекање, нервози, фрустарции, кои на овие болни навистина не им е потребно, наведе Груевски.

Решаваме, истакна,  еден многу  голем проблем кој ќе биде од корист на многу наши граѓани за нивното здравје.