Почна пробивањето на „Партизански одреди“ кон Ѓорче Петров

Премиерот Никола Груевски и гардоначалниците на Град Скопје и на Ѓорче Петров Коце Трајановски и Сокол Митровски денеска го означија почетокот на градежните работи на втората фаза од проектот за пробивање на булевар „Партизански одреди“ кон Ѓорче Петров. 

Со овој проект ќе се продолжи пробивањето на булеварот „Партизански одреди“ од новиот кружен тек кај Порта Влае, кој е формиран меѓу булеварот „Партизански одреди“ и улиците „Ацо Шопов“ и „Ѓорче Петров“, па се до кружниот тек кај црквата „Свети Петар и Павле", кој е формиран помеѓу булеварот „Македонска војска“ и улиците „Борис Сарафов“ и „Лука Геров“. Ќе се изврши реконструкција и проширување на постојаниот коловоз со што ќе се добие модерен булевар со шест сообраќајни ленти, по три во двете насоки и со вкупна ширина само на коловозот од 21 метар.

Премиерот Груевски истакна дека ваквото булеварско решение ќе овозможи поголем проток на возила и луѓе и додаде оти со тоа ќе се надминат гужвите во овој дел на Ѓорче Петров.

- Со тоа ќе се исполни уште едно од ветувањата дадени во минатото, а тоа е дека Партизанска ќе се продолжи кон Ѓорче Петров. Ваквиот начин на работа, со постојано залагање и со постојани проекти во сите делови на градот Скопје, полека но сигурно ги решава сите сообраќајни проблеми кои со децении се таложеле, истакна Груевски.

Тој потсети дека само последните два месеци почнати се огромни проекти кои, како што рече, во различни населби  ќе донесат нови булевари за граѓаните. Пред два месеци почна реконструкцијата и проширувањето на улицата „Трета македонска бригада“ во Кисела Вода, пред една недела се означи продолжувањето на булеварот „Христијан Тодоровски-Карпош“ во Бутел, а пред неколку дена се означи продолжувањето на булеварот „Борис Трајковски“ во Кисела Вода.

Премиерот најави дека следните неколку дена ќе се одбележи и продолжување на булеварот „Србија“ во Кисела Вода. 

- Сите овие проекти се изведуваат во исто време и сите овие проекти претставуваат инвестиција од околу 10 милиони евра, рече Груевски.

Градоначалникот Трајановски информира дека булеварот ќе има средишно булеварско зеленило со ширина од 5 метри, од двете страни ќе има велосипедски патеки, широки од 2 метри, како и пешачки патеки, широки три метри. Со тоа вкупната ширина на булеварот ќе изнесува 36 метри.

- Реконструкцијата и проширувањето на булеварот „Партизански одреди“ ќе се искористи за изградба на нова атмосферска канализација, на потег од 447 метри, а ќе се постави и ново улично осветлување преку поставување на 40 тросегментни столбови во висина од 10 метри, кажа градоначалникот Трајановски.

Рокот на изведба на овој проект е 180 работни дена, а за неговата изведба Град Скопје ќе издвои околу 37,5 милиони денари. Градежните работи ќе ги изведува „Пелагонија“ од Гостивар. Уличното осветлување ќе го постави фирмата "Електра Скопје", а за тоа Град Скопје ќе издвои 3,2 милиони денари. Со ова, вкупната инвестиција на втората фаза од проектот за пробивање на булеварот „Партизански одреди“ изнесува околу 40 милиони денари.