Отворен целосно обновениот Стар амам во Тетово

Министерката за култура на Македонија Елизабета Канческа Милевска заедно со амбасадорот на Република Турција во Македонија Омур Шолендил присуствуваа на свеченото отворање на целосно обновениот Стар амам во Тетово.

Министерката Канческа посочи дека обновата на овој значаен културно историско споменик од османската култура била изведена во соработка со Турската интернационална агенција за соработка и развој – ТИКА и оти тоа е дел одпрограмата на Владата во рамки на заложбите за соодветна заштита и презентација на богатото културно наследство кое го поседува Република Македонија.

- Денеска пред јавноста го презентираме комплетно реконструираниот стар амам во Тетово кој е еден од најрепрезентативните архитектонски примероци на османлиската култура во нашата земја,  сведоштво за традициите во изведбата на профаните објекти од доцносредновековната епоха. Овој споменик на културата кој се вбројува меѓу најдревните зданија на културното наследство на Тетово и околниот регион  е своевиден пункт на старите културни традиции од Османлискиот период, кој го оживува времето на социјалниот и економскиот процут на Тетово со впечатливоста на својата визуелна естетика, со разиграноста на просторните волумени, како и со неговото културолошко значење за жителите на градот, рече министерката за култура.

Затоа, додаде таа, можеме да кажеме дека стариот амам во Тетово кој потекнува од 15 век го врати својот сјај и автентичност, дека уште многу години тој ќе биде доказ дека Република Македонија ја живее својата сегашност врз темелите на богатото минато, врз културните и историските традиции кои се потврда за разноликоста на нашата култура.

Амбасадорот Шолендил посочи дека тетовскиот амам претставува значаен културно историски споменик што е белег на културата и историјата заедничка за двете земји.

- Македонија и Турција се братски и пријателски земји и тоа ќе трае и во иднина бидејќи сме поврзано со многу моќни меѓусебни врски и обновата на овој културно историски споменик е уште еден показател во таа насока, рече амабасадорот Шолендил.

Во своето обраќање пред присутните државниот сектретар во Министерството за култура Бехиџудин Шехапи рече дека амамот е дел од поголемиот културно историски комплекс во Тетово што ги опфаќа и Шарената џамија, конаците и поранешниот мост и хан за кој ќе биде побарано да биде ставен под заштита на УНЕСКО.

Во рамките на свеченоста пред присутните зборуваа и градоначалничката на општина Тетово теута Арифи и заменик директорот на турската меѓународна агенција за соработка и развој ТИКА Али Маскан.  

По завршувањето на реставрациските работи во Тетовскиот амам што сега е адаптиран како уметничка галерија беше организирана изложба со тема “Придонесот на ТИКА врз културното наследство во Македонија” каде беа  претставени  реставрациските проекти извршени од страна на ТИКА во соработка со Министерство за култура на Република Македонија.

Во рамки на изложбата беа претставени тетовскиот Амам, Мустафа Пашина Џамија Скопје, Исхакије Џамија Битола, Раданја махмут Ага Џамија Штип, Мустафа Ќебир Челеби Џамија Струга, Халвети Хајати Чуллу Баба Теќе Кичево, Зејнел Абидин Паша Џамија-Пир Мехмет хајати Хазретлери Халвети Теќе Охрид, Синанудин Јусуф Челеби Турбе Охрид, Воска Амам Охрид и спомен куќата на таткото на Мустафа Кемал Ататурк во Коџаџик.