Пуштена во употреба реконструираната улица „Ристо Чадо“ во Охрид

Премиерот Никола Груевски денеска присуствуваше на пуштањето во употреба на реконструираната улица „Ристо Чадо“ со изградена фекална канализација и тротоари во охридската населба Видовиште.

- Реконструкцијата на улицата „Ристо Чадо“ беше едно од најчестите барања на жителите од овој регион. Барањето беше сосема на место со оглед на тоа како изгледаше улицата претходно и немањето на сливници и атмосферска канализација. Како резултат на тоа луѓето возеа по дупки и нерамнини, при поголеми дождови се собираше вода по дворовите, се правеа големи вирови на улицата, а пешаците немаа каде да се движат затоа што улицата воопшто немаше тротоари, рече Груевски.

Улицата денеска е целосно реконструирана, рече тој, додавајќи дека е изградена атмосферска канализација, изградени се тротоари, поставено е улично осветлување и, како што додаде, разликата е сосема очигледна.

Изрази задоволство што како Влада и помогнале на општината и на градоначалникот да се решат овие проблеми и, ккао што рече, сега оваа улица ќе овозможи подобра комуникација помеѓу Видовишта, Илинден, Велгошти и сите останати населби кои гравитираат во овој регион.

- Нашите политички опоненти најчесто ни се смеат и се подбиваат со нас кога одиме во помалите места и кога пуштаме вакви улици, патишта, водоводи или канализациони системи. Се смеат затоа што ваквите проблеми на граѓаните воопшто не се важни за нив, рече Груевски и додаде дека не ги делат проблемите на граѓаните на мали или големи.

Потсети дека во изминатиот период и покрај тоа што претходниот градоначалник на Охрид се обидувал да ги блокира проектите на Владата успеале да најдат начин за изградба и реконструкција на повеќе локални патишта во охридскиот регион.

- Го направивме патот за манастирот „Света Недела“ кај Оровник, го изградивме локалниот пат за Велгошти, патот од Лескоец до Скребатно, патот до селата Лакочереј, патот до Орман, помогнавме за доизградба на патот Вапила – Сирула, а во изминатите месеци се правеше и улицата „Илија Смилчевски“ во Лескоец, рече Груевски.

Додаде дека покрај градењето на автопатите градат и локални улици, бидејќи на Владата и е битно секое делче од Македонија и секој еден нејзин жител.

По пуштањето на улицата премиерот Груевски имаше средба со жителите на на охридската населба Видовиште.