Груевски: Македонија доби седма препорака, извештајот на народот ќе дојде на наредните избори

Важно е што препораката е тука и со нетрпение го очекуваме извештајот на граѓаните на изборите  во април, изјави премиерот Никола Груевски на заедничката прес-конференција во Владата со евроамбасадорот Аиво Орав, кој му го врачи Извештајот за напредокот на Македонија за 2015 година.

- Најдобрите оценки можат да ги даде народот кој секојдневно се соочува со животот во Македонија, а оценката ќе ја даде на изборите во април, истакна премиерот Груевски.

Тој потенцира дека Македонија седум години по ред добива препораки за почнување на преговорите. Владата, додаде, ја нотира препораката за почнување на преговорите со ЕУ. 

- Извештајот содржи позитивни забелешки и вреднувања. Бележи и области каде има недоволен напредок односно има и критики, но фактот што постои препорака значи дека позитивните моменти превагнале во оценката на ЕК во поглед на исполнување на критериумите. Ние заедно со сите релевантни субјекти ќе работиме на надминување на предизвиците и критиките и подобрување онаму каде што е тоа реално и потребно, нагласи премиерот Груевски.

Тој посочи дека Македонија останува посветена на спроведување на политичкиот договор и клучните реформски приоритети со цел да се обезбедат доволно аргументи земјите-членки да ја донесат одлуката за почеток на пристапните преговори.

- Се надевам дека по исполнувањето на критериумите после изборите во 2016 година нема да сме подложени на нови пречки и услови за недобивање на датум за преговори. Статус кво ситуацијата во контекст на евроатлантските интегративни процеси е лоша за државата и одбегнување или пренасочување на одговорноста од кого било сите ќе ја гледаат како соучесништво во неуспехот. Република Македонија очекува датум за преговори и откочување на интегративните процеси кои ќе биде заслужена верификација на се она што досега е направено и што ќе се направи. На нашиот народ му е јасно се и нема никаква потреба од дополнителни објаснувања за се она што се случува, подвлече премиерот Груевски. 

Во овогодинешниот извештај констатирано е подобрување во економијата, поле на кое како што нагласи, Владата  посветува најголем фокус и енергија и најдобро може да се почувствува и види и без посебен извештај доколку се согледа бројот на новоотворени работни места, нови фабрики  и инвестициите во капитални инфраструктурни проекти. Меѓу областите во кој е забележан одреден прогрес, вели Груевски, е и во областа на јавната администрација, напредок во законската рамка за заштита на човековите права, како и дека Македонија е на добро ниво на подготвеност за воспоставување функционална пазарна економија, стабилни макроекономски услови, здрава монетарна политика и солиден правен систем.

Во контекс на спорот за името, премиерот Груевски ја повтори подготвеноста за водење интензивен дијалог за изнаоѓање решение во рамки на меѓународната правна рамка дефинирана од ОН и Меѓународниот суд на правдата и оти какви било непропорционални условувања нема да придонесат за изнаоѓање решение за кое било прашање важно за нашата земја. - Отворањето на пристапните преговори на ЕУ со Македонија може само да придонесе за унпаредување на грчко-македонските односи, јакнење на меѓусебната доверба и надминување на разликите, рече Груевски.

Шефот на Владата исто така нагласи дека во Извештајот се нотирани напорите што ги правиме за хуман третман на мигрантите околу обезбедување безбеден транзит, престој и хуманитарна помош. Тој притоа повика за интензивирање на координацијата со институциите на ЕУ, зголемена присутност на терен и конкретизирање на ветената финансиска помош. Република Македонија е подготвена да го сподели товарот од мигрантската криза, пропорционално на своите можности и капацитети, рече Груевски.

Евроамбасадорот Орав истакна дека најважно е што препораката беше повторена од Европската комисија.

- Да, ова е условена препорака и ЕК повторно ќе ја разгледа по изборите, но развојот на настантие зависи од вас, рече Орав.

Тој потенцира дека овој извештај дава можности да се види како да се постапува понатаму, а тоа значи, рече, целосна имплементација на договорот од јуни и јули, подготвување на совршени избори и нивно спроведување, како и целосна имплементација на идните реформски приоритети во сферата на слободата на изразување, владење на правото и реформи на јавната администрација.

Запрашан за Извештајот, евроамбасадорот Орав потенцира дека овогодинешниот неможе да се спореди со претходните извештаи бидејќи ЕК применила нова методологија, но целта е ЕК да им помогне на сите земји кандидати. 

- Доколку имам добар пријател тој не треба да ми кажува колку сум добар туку каде не постапувам како што треба, а тоа го прави и ЕК. Ве молам искористете ги критиките колку што е можно попозитивно, спроведете ги препораките и ќе видите дека чуда се можни, порача евроамбасадорот Орав.

Шефот на делегацијата на ЕУ во Македонија Извештајот за напредокот на земјата за 2015 претходно им го врачи и на претседателот на државата Ѓорге Иванов и на претседателот на Парламентот, Трајко Вељаноски.