Ќе се гради експресен пат Штип-Кочани, обезбедени средства од ЕБОР

Македонија доби од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) дополнителни 21 милион евра со кои се овозможува, наместо реконструкција на постоечкиот, изградба на нов експресен пат од Штип до Кочани. Договорот денеска во Лондон го потпишаа вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, првиот потпретседател на Банката Фил Бенет и директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Александар Стојанов.

Експресниот пат ќе биде со должина од 28 километри и ќе има четири ленти. Ќе се зголеми безбедноста на сообраќајот, а ќе се влијае и на заштита на животната средина. Треба да почне да се гради во првиот квартал следната година.

- Во Лондон го потпишавме договорот со Европската банка за обнова и развој за финансирање нов експресен пат од Штип до Кочани. Вредноста на проектот е 53 милиони евра кои ќе овозможат да се изгради целосно нов експресен пат со четири ленти во должина од 28 километри кој ќе ги поврзува Штип и Кочани. На тој начин им излегуваме во пресрет на граѓаните на Штип, на Кочани и на другите населени места со изградба на модерен пат кој ќе обезбеди побезбедно и побрзо патување помеѓу овие два града. Истовремено се овозможува да се подобри и конкурентноста во регионот и да се привлечат нови инвеститори кои ќе го користат овој пат, изјави Ставрески по потпишувањето на Договорот.

Тој додаде дека изградбата на регионалниот пат од Штип до Кочани се вклопува во агендата на Владата на РМ за интензивна изградба на регионални патишта од кои пак, како што рече,  ЕБОР ја поддржува и изградбата на патот од Раевци до Дреново која, исто така, ќе започне набрзо, како и изградбата на патот од Охрид кон Пештани и од Требеништа до Струга.

- Соработуваме и во делот на железничката инфраструктура каде со средства на ЕБОР се поддржува изградбата на пругата кон Бугарија, а очекуваме и поддршка во енергетскиот сектор, рече Ставрески и додаде дека на ваков начин се заокружуваат крупни транспортни проекти со кои се подобрува конкурентноста на македонската економија.

Фил Бенет по потпишувањето на Договорот за ЕБОР рече дека клучен приоритет во Македонија е развој на инфраструктурата. - Добро развиени и современи регионални транспортни конекции ќе го зајакнат регионот и ќе го подобрат пристапот на оддалечените области до поголемите пазари. Во прилог на ова, подобрениот дизајн на продолжувањето на патот ќе резултира во значајно зголемување на безбедоста, истакна Бенет.

ЕБОР почна да инвестира во македонската економија во 1993 година. До денес, во земјата има потпишано над 90 проекти.