Комитет за финансиска стабилност: Банкарскиот сектор може да ги издржи ударите и од најлошите сценарија во еврозоната

Банкарскиот сектор е релативно добро отпорен и може да ги издржи ударите дури и на најострите сценарија во еврозоната. Ликвидноста е на исклучително високо ниво, солвентноста е одлична и засега не се планираат нови мерки за затегање на монетарната политика. 

Ова го констатира Комитетот за финансиска стабилност на денешната втора седница на која беа разгледани најновите движења во банкарскиот сектор и можните влијанија од случувањата во еврозоната.

- Од страна на Народната банка на Република Македонија ги презентиравме сите стрес сценарија што ги правиме во овој период и по сите тие банкарскиот сектор покажува голема отпорност дури и на најострото сценарио, изјави гувернерот на НБРМ Димитар Богов по седницата.

Тој додаде дека ликвидноста на банките е на исклучително високо ниво, солвентноста е одлична така што сето тоа дава сигурност дека банкарскиот сектор може да ги издржи ударите и да продолжи со нормалната кредитна активност и при најлоши сценарија во еврозоната.

За депозитите, како што информира Богов, има нормално зголемување и кај домаќинствата и кај претпријатијата, односно нивното ниво е една милијарда кај депозитите во денари и 1,5 милијарди во девизи и заедно со правните лица е над три милијарди. Тој посочи дека се стабилни и депозитите во евра. - Има мало незначително намалување кај депозитите во евра, меѓутоа кај депозитите во денари растат со доста повисока стапка, истакна Богов.

Кај кредитната активност, како што посочи, во последните два-три месеци се забележува одредено забавување. - Стапката на раст се уште не може да се каже дека се намалува, меѓутоа не се зголемува. НБРМ претпоставува дека главна причина за ова е неизвесноста која владее во еврозоната и како тоа ќе влијае на македонската економија, изјави Богов.

Според базичното сценарио на Народната банка засега не се планираат нови мерки, но оти во нивните сценарија прават симулации во каква ситуација би се презеле.

За тоа дали ќе се зголемат каматите, рече ќе се види какви ќе бидат случувањата, но оти во моментот нивните проекции покажуваат дека во базичното сценарио нема да има потреба од затегање на монетарната политика. - При поострите сценарија, зависно од притисокот кој ќе го имаме на девизиниот пазар, соодветно ќе реагираме, меѓутоа не би требало таа реакција да биде позначителна. Во секој случај не толку колку што беше во 2008 година, изјави гувернерот на НБРМ Димитар Богов по седницата на Комитетот за финансиска стабилност.