Мисајловски: Обновата на пругата од Битола до грчка граница ќе заврши навреме

Железничката линија Битола-Кременица до границата со Република Грција се реконструира интензивно, на трасата се работи ефективно и очекувам динамиката да продолжи, изјави министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски  при денешната посета во општина Новаци.

Мисајловски посочи дека има секојдневни состаноци со претставници на сите изведувачи и оти се информира за активностите.

- Мислам дека работите ќе се движат уште побрзо, дека времето ќе не’ послужи и оти се ќе заврши навреме, рече Мисајловски. 

Градежните активности опфаќаат обнова на 17 километри пруга од крајот на станицата во Битола до границата со Грција и реконструкција на повеќе премини. Се планира и поврзување со новата индустриска зона во Жабени и изградба на нова железничка станица за прекуграничен сообраќај (патен и товарен) со придружни објекти, нова сигнализација и телекомуникациски инсталации.

Одговарајќи на новинарски прашања министерот Мисајловски рече дека се преземени мерки за надминување на  проблемите  предизвикани од карпа на пругата Скопје-Битола, кај Богомила.

- Кај населеното место Богомила, на пругата Битола-Скопје, денеска има екипи од Градежен факултет-Скопје и други експерти кои треба да подготват техничко решение и да се надминие проблемот со една карпа која треба да се минира и да биде отстранета. Очекувам брзо решавање на овој проблем што се појавува на пругата, посочи Мисајловски.

Министерот за транспорт истакна дека по завршување на безбедносните проверки, тестирања  и едукација на машиновозачите, и официјално ќе биде пуштен во употреба неодамна пристигнатиот нов воз набавен за МЖ „Транспорт“ ад Скопје од кинеска ЦСР.

- Освен изградба и рехабилитација на пругите, со задоволство информирам дека стигна првиот нов воз во Македонија и очекувам викендов да завршат безбедносните проверки и тестирања, едукацијата на машиновозачите и други подготовки, а потоа официјално ќе го пуштиме во работа првиот воз, а сукцесивно ќе стигнуваат и другите, согласно договорот до април, рече Мисајловски.