Спасов на Саемот за труд во Радовиш

Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов заедно со директорот на Агенцијата за вработување на Република Мкаедонија, Влатко Поповски го посетија Саемот за вработување во Радовиш, кој е петти по ред што се организира во Македонија.

- Саемите за вработување ги реализираме во соработка со АВРМ со цел да влијаеме за подобро и побрзо поврзување на понудата и побарувачката на пазарот на труд, компаниите да имаат можност да остварат директни и непосредни средби со невработените лица коишто активно бараат работа, невработените лица да имаат можност да ги остават своите  CV-а, да разговараат за можностите коишто ги нудат приватните компании и на тој начин полесно да ги поврземе и дел од нив и многу побрзо да дојдат до своето работно место токму во овие компании коишто ги претставуваат своите понуди на штандовите во повеќе општини во Република Македонија, овој пат во Радовиш, рече министерот Спасов.

Најави дека до крајот на годината ќе се организираат уште три саеми за вработување, но, како што рече, и низа други активности за поврзување на понудата и побарувачката на работна сила на пазарот на труд.

Директорот на АВРМ Влатко Поповски истакна дека досега од првите четири организирани саеми се реализирани околу 150 вработувања не сметајќи ги, како што рече,  двете големи компании од Прилеп кои треба да информираат колку лица ќе вработат од оние кои оставиле CV-а на саемот кој беше организиран во тој град.

- Јас се надевам дека и на наредниот период од трите дополнителни саеми кои ќе се одржат во Гостивар, Куманово и во Скопје ќе имаме успешност, нормално и на овој саем во Радовиш ќе покажеме дека кога на едно место ќе се сретнат понудата и побарувачката на работна сила многу полесно се доаѓа до работно место, бидејќи не секогаш оние луѓе коишто бараат работа имаат вистинска информација, односно не секогаш компаниите доаѓаат до вистински работници, рече Поповски.

Додаде дека ќе се продолжи активно да се остваруваат контакти со компаниите, а невработените да се упатуваат во компаниите кои имаат потреба од работници.

Градоначалникот на Радовиш Сашко Николов смета дека денешниот саем е можност преку која, како што рече, ќе се согледаат сите можности на побарувачката на работници, отворени места и секако профилот на кадри кои се на пазарот на труд.