Над 10 илјади вработени со мерката за млади до 29 години

Над 10.300 лица помлади од 29 години досега се вработиле во 5.000 македонски компании преку владината мерка за ослободување од придонеси во траење од 12 месеци.

- Целта која што сакавме да ја постигнеме е веќе постигната. Над 10.000 отворени работни места значат многу за македонските компании, за младите во Република Македонија. Оваа мерка продолжува да се реализира и во наредните неколку месеци. За околу една година и осум месеци има 10.300 вработени. Тоа се месечно по околу 520 млади лица кои се вработени во приватните компании, рече министерот за труд и социјална политика Диме Спасов одговарајќи на новинарско прашање по вршењето увид и во градежните активности за изградба на детска градинка во општина Чучер Сандево.

Тој додаде дека оваа мерка веќе влијаела и на нејзина надградба, односно на создавање на проектот „Македонија вработува“ од која, како што рече, е дел самата мерка. Верувам, рече Спасов, дека и понатаму компаниите ќе продолжат да ги искористат поволностите кои им е ставен на располагање. 

Мерката еден плус еден, е создадена за да се поттикне вработувањето на младите лица до 29 години преку ослободување од плаќање на социјални придонеси и персонален данок во период од 12 месеци за приватните компании, со обврска да го задржи на работа уште 12 месеци. Таа е воведена во март 2014 година со период на важност од две години, односно до март 2016 година.