Премиерот Никола Груевски и владината делегација остварија посета на Стопанско индустриската комора на Абу Даби

Претседателот на Владата на Република Македонија, г-дин Никола Груевски, денеска (вторник, 27 октомври 2015 година) заедно со македонската владина делегација остварија посета на Стопанско индустриската комора на Абу Даби каде што имаа средба со раководството и управниот менаџмент на истата.

При посетата беа претставени можностите за инвестирање во Република Македонија, поволностите и мерките кои им стојат на располагање на потенцијалните инвеститори, како и сферите и областите каде истите може да се реализираат.

Премиерот Груевски истакна дека во насока на обезбедување на поволна бизнис клима се направени многубројни реформи и се преземени конкретни чекори со кои се олеснува водењето на бизнис.

Претседателот на Владата Груевски истакна дека соработувајќи со стопанските комори и приватните компании, се елиминираа илјадници бирократски процедури за водење на бизнис, се воведе електронски систем за плаќање даноци и добивање на царински дозволи, а преку едношалтерскиот систем на  Централниот Регистар фирма во Македонија може да се регистрира по електронски пат за само 4 часа од било која земја во светот. Ако пред 10 години, на еден македонски претприемач му беа потребни 48 дена за започнување нов бизнис, денес тој процес може да биде завршен за само 2 дена, истакна Груевски.

Премиерот Груевски посочи дека Македонија е земја со најниски трошоци за правење бизнис во Европа, при што се воведоа најниски даноци, рамен и низок данок, персонален данок и данок на добивка кој изнесува 10%, а компаниите кои ја реинвестираат добивката имаат 0%. Во таа насока, како што посочи Груевски се намали и ДДВ-то за повеќе сектори од 18% на 5%.

Премиерот Груевски истакна дека една од поволностите што може да ја искористат инвеститорите е фактот што Македонија може да биде порта за влез на европските пазари, а за таа цел Македонија има договор за слободна трговија со сите земји во Европа, плус Турција и Украина, со што се надминува хендикепот на мал пазар и се обезбедува пазар од 650 милиони потрошувачи.

Потпретседателот на Владата задолжен за економски прашања, Владимир Пешевски посочи дека ова е добра можност за презентирање на можностите за инвестирање, како и за извоз на нашите домашни компании во Обединетите Арапски Емирати. За време на престојот се користи и можноста за остварување на десетина билатерални средби со компании, и очекуваме ваквите контакти да донесат одредени позитивни резултати при што работиме сериозно да извлечеме максимум од ваквата посета, изјави Пешевски.

Генералниот директор на Стопанско индустриската комора, Мухамед Ал Мухари истакна дека овој вид на посета помага на членките на комората да ги откријат можностите за водење на бизнис во Македонија.

Односите меѓу двете земји се многу добри и треба дополнително да ги унапредиме преку правење на уште повеќе инвестиции меѓу двете држави. Денес имаме неколку наши членки подготвени да инвестираат во Македонија, тие истражуваат вакви можности и се надеваме дека многу скоро ќе инвестираат во Македонија, изјави генералниот директор на комората Мухамед Ал Мухари.

Стопанственикот и претставник на бизнис заедницата Јален Ал Сари изрази позитивна оценка за Македонија и кажа дека сериозно ја разгледуваат државата како потенцијална дестинација за инвестирање.

Има многу добри предности кои што македонскиот систем ги нуди за инвеститорите, како што се субвенции во повеќе сфери, даночните олеснувања и ниските даночни стапки. Исто така, добра е работоспособноста и високото ниво на вештина на работната сила која што се нуди, во смисла на инженери и техничари. Ние сме од автомобилската индустрија, од сферата на производството на компоненти за автомобилите и автобусите, и откривме дека Македонија е добро место за влез на европскиот пазар. Дознавме значајни предности кои се нудат за компаниите и поддршката која ја дава Владата е сето она што му е потребно на секој инвеститор, изјави Ал Сари.