Вицепремиерот Џафери на средба со австриски парламентарци во Виена

Заменик претседателот на Владата, Муса Џафери денеска во Виена оствари средба со претседателот на Парламентарната група на Социјалдемократската партија на Австрија и претседател на Комисијата за надворешна политика во австрискиот Парламент Јозеф Кап и со пратеникот на Социјалдемократската партија и портпарол за надворешна политика и европски прашања, Кристин Мутонен.

Џафери, како што стои во соопштението од неговиот Кабинет, ги информирал соговорниците за досегашната имплементација на Охридскиот договор, како и за реформите што произлегуваат од него.

Тој им се заблагодарил на австриските парламентарци за придонесот што Австрија и австрискиот Парламент го даваат за стабилноста на регионот, истакнувајќи ја важноста на истата за Балканот и пошироко. Џафери истакнал дека Македонија се стреми кон интеграцијата во НАТО и ЕУ и оти интегрирањето останува приоритет на Владата. 

Од своја страна, Јозеф Кап ја истакнал постојаната австриска поддршка кон целосното имплементирање на Рамковниот договор и поддршката за интегрирањето на Македонија во големото европско семејство. 

Двајцата соговорници ги оцениле како добри односите меѓу двете земји и се заложиле за продолжување на соработката во сите сфери. Пратеникот Кап исто така истакнал дека Македонија и Австрија имаат добра соработка и на економски план, додавајќи дека австриските компании се меѓу најголемите инвеститори во Македонија.

- Заедничка оценка од оваа средба е дека Охридскиот договор бил и остана еден од клучните критериуми или политички клуч за реформите и интегрирањето на Република Македонија во НАТО и ЕУ.

Во рамки на посетата, вицепремиерот Џафери вечер ќе учествува на трибината „10 години Охридски договор: актуелната состојба и иднината“.