Пуштена во употреба нова спортска сала во Могила

Негувањето на спортскиот дух и спортската традиција е мошне важен чекор во воспитувањето на нашите деца. Преку спортот младите учат за многу важни животни лекции, учат да почитуваат правила, учат дека успесите не доаѓаат наеднаш и преку ноќ и дека за секој успех треба напорно да се работи. Учат дека за да има успех треба тимски да се работи, дека треба да веруваш во себе, но да веруваш и во другите околу себе. Преку спортот младите ќе научат како да го респектираат противникот, а со тоа и како да го победат, истакна премиерот Никола Груевски за време на денешната свеченост по повод пуштањето во употреба на новата и прва спортска сала во општина Могила.  

За изградба на спортската сала вложени се 24 милиони денари со што е овозможено на учениците од ОУ „Гоце Делчев“, но и други корисници да спортуваат и рекреираат во новиот објект.

- Тука во Могила никој и никогаш порано не изградил спортска сала. Ние како Влада решивме да ставиме крај на таквата лоша традиција. За да помогнеме на многу места во Македонија, вклучително во општина Могила, стартувавме со големите проекти за изградба на 145 училишни спортски сали, 50 фудбалски игралишта, 35 големи спортски сали, 100 повеќенаменски спортски игралишта и 120 тениски терени ширум Македонија, истакна премиерот Груевски во своето обраќање во Могила.

Тој потсети дека во општина Могила е инвестирано и изградено големото фудбалско игралиште „Димко Сарванов“, како и повеќенаменското спортско игралиште во Добрушево. Во изминатите години вложени се 4,5 милиони денари и за вкупно 12 други училишни објекти во општината.

Во поглед на инвестициите во образованието ја издвои изградбата на новото училиште „Кочо Рацин“ во Долно Српци, постоечкото во 2013 година беше опожарено. - Тогаш ветивме дека ќе изградиме ново училиште. Тоа ветување го исполнивме и издвоивме 8,5 милиони денари за изградба на комплетно ново училиште со површина од 350 метри квадратни за 50 ученици кое сега веќе е во функција, истакна Груевски кој во придружба на заменик-министерот за образование и наука Спиро Ристовски го посети новоизграденото училиште во таа локална самоуправа.

За време на денешниот престој во општина Могила и на средбите со граѓаните претседателот на Владата на Република Македонија Никола Груевски најави директна владина поддршка за изградба на локалниот пат меѓу селата Мусинци и Добрушево, изградба на патот за поврзување на селото Беранци со манастирот „Св. Јован“ и изградба на спортска сала во ОУ „Кочо Рацин“ во селото Ивањевци.