Груевски на средби со жителите на Света Петка и Држилово

Најдоцна до април идната година ќе почне комплетната реконструкција и проширување на деловите каде е можно на регионалниот пат од Кисела Вода до селото Света Петка во општина Сопиште во должина од 12 километри. Парите се веќе обезбедени се чека само да доврши изградбата на фекалната канализација во Сопиште, најави премиерот Никола Груевски на средбата со жителите на Света Петка.

Груевски го посети местото во селото каде општина Сопиште гради ново спортско игралиште, а граѓаните благодарни за вниманието што им го посветува општината во надминувањето на нивните проблеми и за посетата на премиерот.

На средбата покрај барањето за санирање на патот беше посочена и потребата за изградба на нов водовод во селото. Министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски им порача на граѓаните дека ќе се направат напори изградбата на водоводот и зголемувањето на капацитетот на каптажата на локалниот водовод да влезе во новата програма за наредната година за што ќе се издвојат три милиони денари. Воедно, им беше предочено дека кон крајот на идниот месец или на почетокот на ноември ќе започне и изградбата на регионалниот водовод од Патишка Река на кој ќе може да се приклучат.

Со посетата на село Држилово премиерот Груевски ја заврши работната посета на општина Сопиште во рамки на која денеска посети три македонски села, две села каде живеат Албанци и едно каде што живеат Македоци-муслимани.

На средбата со граѓаните на Држилово како главен проблем беше истакната лошата состојба на локалниот пат. Градоначалникот на Сопиште Стевче Трпкоски им соопшти дека од април, идната година ќе започне со комплетна реконструкција на последните три километри, а остатокот од еден километар, како што истакна, е во надлежност на соседната општина Студеничани. Министерот Мисајловски им порача дека ќе разговара со градоначалникот на Студеничани за да се реконструира и тој дел од патот.

На барање на граѓаните беше договорено возило од ЈСП да воспостави конекција со селото. Директорот на ЈСП Игор Јанушев истакна дека од следниот петок ќе започне да сообраќа возило на претпријатието.