Груевски: Во Скопје се градат инфраструктурни објекти вредни над 27 милиони евра

Активно се работи на изградба на водоводот во Општина Шуто Оризари, инвестиција вредна три милиони евра со која ќе се реши проблемот со водоснабдување на 40.000 жители во општината. Во Скопје во моментов се градат проекти кои се започнати или објавени во вредност од 27 милиони евра, изјави премиерот Никола Груевски по отпочнувањето со градба на нова спортска сала во Шуто Оризари.

- Изградбата на водоводот го почнавме некаде во јуни и оди со одлична динамика, според планот. Во моментот се работи на изградба на резервоарот и на препумпната станица, така што некаде во третиот квартал следната година, односно втората половина на следната година треба да биде целосно завршен и жителите на ова населено место конечно да добијат вода во своите домови преку овој систем и да престанат проблемите на жителите на Шуто Оризари поврзани со недостигот од вода, особено во летните периоди, рече премиерот Груевски.

Тој нагласи дека се гради многу и ќе продолжи да се гради. Имаме листа на чекори кои ќе следат во Шуто Оризари, но посочи, се гради и секаде во Скопје.

- Во Скопје во моментов има градба на проекти кои се започнати или објавени во вредност од 27 милиони евра, рече премиерот Груевски.

Тој посочи дека се работи на изградба на 15 улици во Ѓорче Петров, (инвестиција вредна 79 милиони денари), се пушти во употреба најголемиот кружен тек во државата на потегот Ѓорче Петров - Влае (вреден 53,4 милиони денари), се изгради катната гаража „Тодор Александров“ (780 милиони денари), се уреди уште еден дел од патот „Македонија“ меѓу Козле и Тафталиџе (15 милиони денари), заврши третиот дел од проширувањето на бул. „Теодосиј Гологанов“ (90 милиони денари), се започна со градбата на уште една фаза од бул. „Трета македонска, бригада“ (45 милиони денари), како и втората фаза од реконструкцијата на бул. „Јане Сандански“ (17,2 милиони денари). Се започна и со изградба на кружниот тек меѓу населбите Железара и Автокоманда (45 милиони денари), реконструкција на улицата „Кемал Сејфула“ во Чаир (4,5 милиони денари), на улицата „Маџари“ (5,2 милиони денари) и изградба на атмосферска канализација на улицата „Боца Иванова“ (34 милиони денари). Се прави проширување на бул. „Цветан Димов“ (20 милиони денари), а се врши и уредување на Парк-шумата „Гази Баба“ (30 милиони денари).

- Има многу работа и на Владата и на општините и на Градот Скопје. Се гради со полна пареа, а општината Шуто Оризари е со посебно внимание затоа што овде недостигале и се уште недостигаат некои основни инфраструктурни работи, рече Груевски одговарајќи на новинарско прашање.