Ќе се подобрува управувањето на квалитетот на воздухот за 1,1 милион евра од ЕУ

Со 1,1 милион евра од ЕУ ќе се подобрува управувањето со квалитетот на воздухот во Македонија. Твининг проектот стартуваше денеска, а го имплементира Министерството за животна средина и Институтот за јавно здравје. Досега во Македонија се спроведени два проекта од ЕУ за поддршка на подобрувањето на квалитетот на воздухот, а евроамбасадорот Аиво Орав порача дека треба уште да се работи. 

- Овде живеам 3,5 години и честопати го гледам загадувањето. Луѓето кои живеат во центарот не гледаат, но јас живеам на Водно и секој ден гледам како изгледа градот кога се симнувам долу. Ние во ЕУ делегацијата доставуваме наши гледишта и секој забележува колку е високо загадувањето на воздухот, рече Орав на денешното означување на почетокот на Проектот. 

Орав ги повика државните служби да останат одлучни при имплементација на потребните реформи и примена на постоечкото законодавство. 

- Доволно компетентни човечки, но и финансиски ресурси треба да се вклучат за да се подобри ситуацијата на оваа територија. Дополнително напорите на државно, регионално и локално ниво треба да се здружат за да се овозможи чист воздух за нас и за идните генерации, истакна евроамбасадорот, додавајќи дека ЕУ ќе продолжи да го поддржува Министерството за животна средина и просторно планирање за да се справи со предизвиците на полето на заштита на животната средина како дел од процесот за интеграција во ЕУ.

Министерот за животна средина и просторно планирање Нурхан Изаири истакна дека Македонија успешно ја има подготвено законската легислатива во областа на воздухот во која се транспонирани директивите на ЕУ. 

Според него, Македонија постојано се приближува кон клучните институции на ЕУ во областа на квалитетот на воздухот, а со овој проект се овозможува континуитет на позитивните резултати од досега имплементираните проекти за квалитет на воздухот. 

Активностите од проектот ќе им помогнат на корисниците да ги направат неопходните реформи и подобрувања за спроведување на законодавството за квалитетот на воздухот. Ова треба да доведе до подобар квалитет на воздухот и намалено влијание на загадувањето на воздухот врз човековото здравје. 

Со проектот, покрај зајакнување на капацитетите, ќе бидат вложени напори во развој на план за подобрување на квалитетот на воздухот, вклучувајќи и идентификување мерки за подобрување на квалитетот на воздухот на локално ниво. 

Минисерот Незири рече дека ќе биде направена ревизија на националниот плански документ, се планира изработка на локални планови во кои ќе се пропишат краткорочни и долгорочни мерки за заштита и подобрување на квалитетот на амбиенталниот воздух. Со цел изработка на план за подобрување на квалитетот на воздухот за Град Скопје и Тетово во рамки на проектот ќе се спроведе кампања за дополнителни мерења за составот на ПМ 10 честички кои ќе се искористат за утврдување на изворите на загадувачите.  

Во текот на проектот ќе бидат зајакнати капацитетите на корисниците во поглед на мониторингот на квалитетот на воздухот, управувањето со податоците и извештаите, ќе бидат усовршени инвентарите на емисии и проекциите за различните сектори.

Главни партнери во спроведување на проектот од ЕУ се Финскиот метеоролошки институт и Агенцијата за животна средина на Австрија.

Светозар Јаневски, почесен конзул на Финска, во име на Финската амбасада посочи дека очекува успех на проектот бидејќи Македонија има искуство на овој план.

Посочи дека има развиено еколошки програми во повеќе земји и дека голем број проекти се спроведени во Македонија.