Груевски: Извештајот на ММФ валоризација на работата на Владата и демаскирање на лажната слика на опозицијата

Последниот Извештај на ММФ кој покажува дека Македонија е во петте најниско задолжени земји и оти странските инвестиции ќе отворат нови 30 илјади работни места е валоризација на работата на Владата и демаскирање на лажната слика која ја претставувала опозицијата дека власта ја презадолжува земјата, дека ќе има крах, дека долгот е екстремно висок, оцени денеска премиерот Никола Груевски.

Во извештајот, додаде премиерот, ММФ потврди дека Македонија е помеѓу петте најниско задолжени земји во Европа. Со државен долг од околу 36 отсто и јавен долг од околу 43 проценти Македонија, рече Груевски, е држава помеѓу петте најниско задолжени држави.

- Она што е значајно е дека во Извештајот се потврдува дека задолжувањата се правени за крупни капитални инфраструктурни проекти, како што се патишта, железници, енергетски проекти, болници... Мене ми е драго што излезе овој Извештај, бидејќи тој ги негира сите досегашни обвинувања кон Владата дека Владата ја презадолжила земјата, дека наскоро ќе има крах, дека долгот е екстремно висок, дека ние само создаваме некаква привидна слика дека имаме низок долг. Еве сега, веројатно, една од најеминентните институции, можеби најеминентната за ваква работа - ММФ, излезе со извештај со којшто јасно покажува колку е државниот долг, колку е јавниот долг, ги покажува долговите и на другите земји и се гледа дека Македонија со овој државен долг е во првите пет најниско задолжени земји во Европа, потенцира премиерот Груевски одговарајќи на новинарско прашање по пуштањето во употреба на новата опрема во ГОБ „8 Септември“.

За премиерот, исто така, од особена важност е, како што рече, фактот дека ММФ го потенцира делот поврзан со странските инвестиции.

- Во тој дел укажуваат на успешноста на владините политики и прогнозираат дека од странските инвестиции ќе следи отворање на нови 30.000 работни места. Значи, тоа веќе не го кажува Владата, туку ММФ, рече Груевски.

Додаде дека Извештајот е отсликување на реалноста на работењето на Владата и валоризација на она што го сработиле досега, односно потврда на она што е направено и на она што Владата јавно го говори.