Пуштен во употреба нов апарат за ангиографија во ГОБ „8 Септември“

Во ГОБ „8 Септември“ денеска официјално беше пуштен во употреба нов современ апарат ангиограф кој ќе извршува многу процедури, вклучувајќи и процедури од областа на интервентната кардиологија.

- Ова практично ќе биде еден нов момент во оваа болница, затоа што болницата немаше досега ваков апарат. Со ова болницата ќе биде втор центар во Скопје во кој ќе се вршат ваков вид интервенции за инфаркти, стентови за инфаркти и други интервентни процедури, рече премиерот Никола Груевски кој во присуство на министерот за здравство Никола Тодоров го пушти во употреба апаратот.

Набавката на апаратот чинела 35 милиони денари. Тој, како што појасни премиерот, е веќе донесен и инсталиран и практично веќе се прават првите процедури.

- Од октомври ќе дојде лекар од Дедиње кој континуирано ќе биде тука, на некој начин со неговото подолго искуство да биде помош на нашите лекари. Извршени се голем број обуки на лекарите од оваа болница. Еден дел од нив беа во Цирих на подолг период на обука за сите овие процедури, други беа во други медицински центри, рече Груевски и додаде дека таквите обуки ќе продолжат и во иднина.