Груевски: Владата ќе помогне за решавање на инфраструктурните проблеми во Кумановско

Премиерот Груевски посетата во Кумановско ја продолжи во Куманово каде што најнапред изврши увид на реконструкцијата на основното училиште „Тулис Зурдумис“ за што Владата преку МОН инвестира 5,1 милиони денари. Реконструкцијата која опфаќа замена на покрив и прозорци  ќе заврши во октомври.

Потоа го посети и училиштето „Браќа Миладиновци“ кое што е реконструирано со средства на МОН во износ од 12 милиони денари при што е извршена целосна санација на фасадата, прозорците, вратите и кровната конструкција.

Во Куманово премиерот оствари и средба со граѓани на кумановската населба Гоце Делчев, кои го информираа за повеќе проблеми со кои се соочуваат подолг временски период. Граѓаните ја истакнаа потребата од изградба на градинка која иако била ветена од градоначалникот никогаш не е изградена. За овој проблем премиерот ги информираше дека градоначалникот нема аплицирано до Министерството за труд за ваков проект, но и покрај тоа напомена дека како Влада ќе ги разгледаат сите можности за решавање на овој проблем.

- Ако градоначалникот достави за градинката проект би се потрудиле да го исфинансираме тоа и сега. Чекаме од градоначалникот, рече премиерот Груевски.

Во однос за проблемот што го посочија граѓаните, а во врска со барањата за дислокација на Центарот за рехабилитација на наркозавизници, беа информирани дека решението за овој проблем е во изградбата на новиот ургентен центар каде ќе биде сместен и овој центар, кој ќе биде дислоциран од оваа населба.

И во оваа населба граѓаните информираа за повеќе инсфаструктурни проблеми, потенцирајќи го игнорантскиот однос на градоначалникот кон оваа населба поради тоа што доби малку гласови на изборите.

Премиерот Груевски истакна никој политичар не смее во својата работа да ги дели граѓаните според тоа кој за кого гласал. Како што нагласи, треба да се работи на реализација на проекти за сите граѓани, без поделби.

- Ако гледаме така кој каде победил или изгубил на изборите, ние тука изгубивме. Значи, јас не би требало да се појавам тука и да ги заборавиме луѓето тука, не може така. Тој е градоначалник на сите граѓани независно кој за кого гласал, нагласи премиерот Никола Груевски.

Во однос на барањата за улици и канализациски мрежи, премиерот потенцира дека Владата има определено финансиски средства за Куманово за кои треба градоначалникот да поднесе проекти.

Премиеро Груевски, придружуван од  министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски и заменик-министерот за образование и наука Спиро Ристовски, попладнево ќе ги посети и Младо и Старо Нагоричане.