Груевски на средби со жителите на дебарско реканскиот крај

Премиерот Никола Груевски денеска во рамки на посетата на дебарско-реканскиот крај оствари средби со локалното население во Жировница и Ростуше со кое разговараше за нивните потреби и проблеми и за проектите што се реализираат во овие места.

Граѓаните на Жировница посочија дека поради големиот наплив на барања за патни исправи има застој во вадењето пасоши. Со оглед на тоа дека се работи за крај каде живеат претежно печалбари, премиерот Груевски го исконтактира министерот за внатрешни работи кого го задолжи максимално да се забрза процедурата за издавање пасоши. Исто така, на барање на граѓаните, Груевски побара од министерот Чавков да се разгледа и можноста за уривање на стариот дотраен објект на полициската станица во Жировница и тој да се пренамени во паркинг-простор.

Во комуникацијата со месното население беше истакнато дека печалбарите имаат проблем со италијанското здравствено осигурување кое според прописите не е опфатено во Македонија. Премиерот Груевски на лице место исконтактира со министерот за здравство и со директорот на ФЗОМ од кои побара да се изнајде решение за овој проблем.

Премиерот го задолжи градоначалникот на Општина Ростуше да направи напори да се реконструира и патната инфраструктура во самото село, покрај веќе направениот пристапен пат до селото.

Во селото Ростуше во контактите со граѓаните премиерот Груевски ги информираше за реализираните проекти и за оние што се планираат да се спроведат во следниот период во дебарско-реканскиот крај со што ќе им се олесни животот на жителите.