Груевски: До јуни наредната година ќе започне изградбата на браната на Оризарска Река

Очекувам првата фаза од изградбата на брана на Оризарска Река да биде готова до крајот на годината, а во првата половина на наредната година да започне и изградбата на самата брана, проект вреден 35 милиони евра со кој ќе се реши водоснабдувањето на повеќе населени места во општините Кочани, Виница и Чешиново-Облешево.

Ова денеска го посочи премиерот Никола Груевски во одговор нановинарско прашање по посетата на ОУ „Никола Петров Русински“ во населеното место Русиново, Беровско.  

Тој прецизира дека првата фаза, која е во тек и е започната минатата зима, претставува изградба на пристапен пат во тешко пристапен планински терен чија вредност изнесува три милиони евра, а треба да биде готов до крајот на декември годинава.

 - Очекуваме почетокот на изградбата на браната да биде во првата половина од идната година меѓу март и јуни. Таа ќе биде од голема помош бидејќи има неколку употребни вредности. Ќе го реши проблемот со водоснабдување на Кочани, на Виница, на Чешионово-Облешево и на други населени места и општини во околината каде живеат илјадници граѓани и ќе овозможи наводнување на нови 1.500 хектари земјоделска површина што е од исклучително значење за луѓето што живеат во тој крај, изјави Груевски.

Тоа, како што рече, ќе биде сериозен поттик за земјоделството и ќе отвори многу нови работни места за луѓе што се занимаваат со земјоделство, 

Очекува браната по отпочнувањето со изградба да биде завршена и пуштена во употреба за три до четири години.