Премиерот Груевски во посета на реконструираната гимназија во Кочани

Премиерот Никола Груевски денеска во рамки на посетата на општина Кочани беше во обиколка на реконструираното Средно општинско училиште „Љупчо Сантов“ во кое настава посетуваат 800 ученици.

Придружуван од градоначалникот Ратко Димитров и директорот на училиштето  Лазар Димитријев, Груевски посети дел од кабинетите и се запозна со придобивките од извршената реконструкција на училишниот објект. Со инвестицијата вредна 13,5 милиони денари реконструирани се фасадата на објектот, покривот и прозорците.

Директорот Димитријев информира дека учениците имаат можност за стекнување со образование во две струки - економско-техничка и гимназиска.

- Ова е прва голема инвестиција во училиштето кое постои веќе 55 години. Со неа се овозможи зголемена енергетска ефикасност и значителни заштеди, а се подобрени и условите за престој и работа во училиштето. Со реконструкцијата на покривот ослободен е значителен простор кој дополнително може да се искористи за потребите на училиштето и општината, вели Димитријев.

Премиерот Груевски денеска во рамки на предвидената посета на општина Берово ќе оди и во реконструираното основно училиште „Никола Петров Русински“ во населеното место Русиново. Вредноста на извршените работи на ова основно училиште изнесува околу 7,5 милиони денари, од кои околу 4,5 милиони денари се инвестиција на МОН, а три милиони се вложувања од општината. Со овој зафат опфатена е реконструкција на покривот, решено е греењето, а има дел инвестиции и во објектот на училишната спортска сала.

Реконструкцијата е направена согласно проектот на Владата за реконструкција на основни и средни училишта.

Според агендата, во Беровско премиерот Груевски ќе пушти во употреба пешачка патека околу Беровско Езеро и ќе присуствува на поставување камен-темелник за изградба на фекална канализација за продолжување на главниот колектор во туристичката населба „Беровско Езеро“. Предвидена е и посета на компанијата „Макпрогрес-Винчини“ во Виница каде ќе присуствува и на пуштањето во употреба на двојно тениско игралиште.