Владини мерки за помош на населението погодено од невремето во Тетовско

Земјоделците од Тетовско чии поседи биле оштетени од невремето на 3 август, до 26-ти овој месец  може да поднесат барања за проценка и надомест на штета до подрачните единици на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство во Тетово.

Ова е една од конкретните мерки за помош на населението од Тетовско кои Владата на РМ ги донесе денеска на седница, а попладнево на прес-конференција ги соопштија вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски и министерот за животна средина и просторно планирање Нурхан Изаири.

Владата донела одлука да отпочне исплатата на еднократната парична помош во износ од 30.000 денари за најпогодените семејства, што беше најавена ден по невремето. Списокот, кој е поднесен од владината Комисија за проценка на штети, во текот на денов бил комплетиран и  доставен во Министерството за финансии. На списокот се околу 350 лица на кои ќе им биде исплатена помошта. 

- Владата донесе и заклучок со кој им се излегува во пресрет на најподогените семејства чии домови се уништени или незбебедни за домување да бидат обезбедени парични средства за кирии за нив се додека не биде санирана штетата нанесена врз нивните домови за првичен период од шест месеци. Комисијата на терен утврди дека во неколку објекти ќе биде потребно рушење бидејќи се незбезбедни и за овие семејства Владата обезбеди средства за да бидат сместени, рече Пешевски.

Ќе бидат опфатени 14 семејства со  60-70 членови. Ќе се уриваат шест до седум објекти, но може да бидат урнати и повеќе ако се процени дека нема услови за живеење. 

Владата донела одлука и за доделување на дополнителни 160 илјади литри нафта кои се неопходни за механизацијата што се употребува за да се продолжи со расчистување на штетите од невремето.  Дадени се и насоки за интензивно вклучување на механизацијата на „Македонија пат“, пред се на товарните возила, за поправка, санација и обновување на инфраструктурата и расчистување. 

ЈП „Македонски шуми“, пак, се задолжува во соработка со месното население, а ако е потребно и со Министерството за одбрана, да обезбеди материјали за изградба на привремен дрвен мост во местото Порој, што е барање на локалните жители.

Пешевски посочи дека мерките се донесени за конкретна поддршка на граѓаните и побрзо надминување на настанатата состојба и дека Координативното тело формирано од Владата и понатаму ќе ја следи ситуацијата на терен. Доколку се потребни, ќе има дополнителни мерки и активности за да се нормализира животот во погоденото подрачје, додаде Пешевски.  

Министерот Изаири истакна дека институциите се во постојана координација и соработката е,  рече тој, на одлично ниво. 

- Соработката со населението исто така е од помош и од значење за побрзо надминување на состојбата, рече Изаири на прес-конференција попладнево во Владата.