Министерот Спасов ги посети децата кои бесплатно летуваат во Струга

Министерот за труд и социјална политика  Диме Спасов заедно со пратениците од Струга денеска ги посети децата од петтата група летувалци во одморалиштето „Мајски цвет“ кои одмараат во рамки на проектот „Бесплатен летен одмор за деца од семејства со социјален ризик, од семејства приматели на социјална парична помош, деца без материјална помош, деца без родители, како и деца со пречки во развојот.

Како што нагласи Спасов, овој проект на Владата, кој се реализира од 2012 година, заклучно со ова лето, досега збирно го имаат искористено околу 11 илјади деца.

- Петтата група што денеска ја посетивме е составена од 200 деца од повеќе градови и општини во Република Македонија. За ова лето обезбедивме средства за бесплатно летување за 2.000 деца од социјален ризик во износ од осум милиони денари. Проектот продолжува да се реализира до крајот на летото, изјави министерот Спасов.

Тој најави дека во текот на септември  ќе започнат и подготвителните активности за продолжување на проектот во зимскиот период.

- Планираме да опфатиме околу 1.000 деца во текот на зимскиот распуст. Ќе продолжиме со реализацијата на овој проект којшто им помага, пред се, на децата кои доаѓаат од материјално необезбедените семјства. Од друга страна и самите деца што доаѓаат на одмор стекнуваат нови пријателства и имаат можност да поминат незаборавни седум дена, додаде Спасов.

Управникот на детското одмаралиште „Мајски Цвет“ Јован Паскоски истакна дека децата се одлично згрижени во овој објект на струшкото крајбрежје и оти се чувствуваат среќни и задоволни, па дури на крајот од одморот, како што рече, заминуваат со солзи.

- Правиме се за одморот да им биде интересен, богат и да се чувствуваат убаво. За спортот имаме инструктори, имаме инструктори и по пливање, така што и оние кои не знаат ќе научат да пливаат. За сите нив се организира и културно-забавен живот со педагог, рече Паскоски.

Во рамки на владиниот проект за бесплатно летување на децата од социјален ризик“ во текот на оваа летна сезона на струшкото крајбрежје летуваа 1.100 деца, а до крајот на летото, услугата ќе ја искористат уште 900.