Средба Попоски - Нуланд

Министерот за надворешни работи Никола Попоски, денеска го прими помошникот државен секретар на Соединетите Американски Држави за европски и евроазиски прашања, Викторија Нуланд, која престојува во работна посета на нашата држава.

Соговорниците изразија задоволство од досегашниот развој на односите меѓу двете пријателски држави, втемелени на Декларацијата за стратегиско партнерство и соработка, како и заемно истакнатиот интерес за нивно натамошно унапредување, во сите области од заемен интерес.

Се разговараше за стратешката определба на Република Македонија за што е можно поскоро зачленување во НАТО и започнување на преговорите за пристапување во Европската унија, за што Соединетите држави, се вели, даваат недвосмислена поддршка.

- Во светло на наредниот самит на Алијансата во Варшава идната година, исполнетоста на критериумите за членство и учеството на припадниците на АРМ во рамките на повеќе мировни мисии, ни даваат полно право да инсистираме на надминување на сите пречки за нашето зачленување. Република Македонија е посветена на почитување на демократските принципи и меѓународното право. Истото го очекуваме и од сите наши партнери, подвлече министерот Попоски.

Соговорниците разменија мислења и за актуелните внатрешно - политички состојби и предизвици во Република Македонија. - Поскоро надминување на политичката криза е интерес на македонските граѓани и економијата, изнесе министерот Попоски.