Спасов: Осум милиони денари за реновирање на Центарот за социјални работи

Центарот за социјални работи во Прилеп комплетно се реновира со пари од Светската банка во висина од 8 милиони денари, изјави денеска министерот за труд и социјална политика Диме Спасов кој денеска изврши увид на градежните работи во центарот.

Според Спасов, реновирањето на Центарот за социјални работи во Прилеп е дел од проектот на Министерствтото за труд и социјална политика за реновирање на Центрите во државата.

- Досега ја завршивме првата фаза односно, целосно и комплетно се реновираат четри центри. Во тек е втората фаза во која ќе опфатиме 7 центри за социјални работи, меѓу кои е и овој во Прилеп. Од овие седум центри, два се комплетно завршени, во Демир Хисар и во Крушево. Градежните активности се во тек во Прилеп, Битола и во Охрид, а набрзо градежните работи ќе почнат во центрите во Штип и во Гевгелија, изјави Спасов.

Објектот на Центарот во Прилеп, со реновирањето ќе добие нова фасада, енергетски ефикасна, нов систем за ладење, нова дограма, ќе се обноват санитарните јазли, нова канцелариска опрема со што ќе се подобрат условите за прием на граѓаните кои ги остваруваат своите права од социјалната заштита.

Министерот Спасов појасни дека во тек е изборот на изведувач за да почне третата фаза која ги опфаќа останатите Центри за социјални работи. Со третата фаза, подвлече, се опфатени уште 18 центри и 12 Дневни центри за деца со пречки во развојот. 

-  За обновата на вкупно 30 објекти се обезбедени средства од ИПА програмата на Европската унија. За обновата на прилепскиот Центар за социјални работи  се определени 8 милиони денари од Светската банка, објасни министерот за труд и социјална политика Диме Спасов.

Според Снежана Јованоска, директор на прилепскиот Центар за социјални работи ќе се подобрат условите за граѓаните и за вработените.