Земјоделските здруженија ги поддржуваат владините мерки

Претседателот на Владата на Република Македонија г-дин Никола Груевски денеска (петок, 5 јуни 2015 година) оствари средба со претставниците на повеќе земјоделски здруженија во Република Македонија, со претседателот на Сојузот на земјоделците, г-дин Вељо Тантаров, претседателот на Асоцијацијата на земјоделци, г-дин Ефтим Шаклев, претседателот на Федерација на фармери, г-дин Никола Стаменов, претседателот на Синдикатот на земјоделците, г-дин Ставре Јанев, претседателот на регионалниот Сојуз на лозари од Кавадарци, г-дин Љупчо Аризанов, како и претседателот на Сојуз на здруженија на тутунопроизводители, г-дин Данчо Милески.

На средбата соговорниците разменија мислења за актуелните мерки и владини политики во сферата на земјоделието, како и поддршката која ја дава Владата на земјоделските стопанства.

Претставниците на присутните земјоделски здруженија изразија поддршка на владините политики кои се развојно насочени, како и актуелните мерки кои се спроведуваат во повеќе земјоделски области, а се од корист на земјоделците. Тие на средбата ја поздравија започнатата исплата за 100 отстотно обесштетување на земјоделците погодени од невремето. Премиерот Груевски посочи дека сите земјоделци и домаќинства кои пријавиле штета и кај кои проценителите констатирале оштетувања, во наредните три недели таа ќе биде надоместена во целост. Истовремено, премиерот Груевски најави дополнителни 10 милиони евра кои се насочени кон изградба на оштетените од невремето патишта, водоводни канали и мали брани. Премиерот Груевски ја истакна корисноста за унапредување на постапката за осигурување на родот која што за земјоделците ќе значи сигурност и стабилност на работата во иднина.

Беше дискутирано и за бенефитите од процесот на легализација на земјоделската механизација, при што ќе се разгледаат можностите за продолжување на оваа корисна мерка. Претставниците на земјоделските здруженија ја поддржаа мерката која ја најави Владата и е во фаза на реализација за овозможување на регистрација на земјоделската механизација наместо секоја година да се врши на 6 години, а на секои 2 години да се изврши технички преглед.

Премиерот Груевски посочи дека продолжува и поддршката на тутунарите со субвенции од по 60 денари по килограм која е значаен сегмент во развој на тутунарското производство. Тој посочи дека Владата продолжува и со обезбедување на грантови за млади земјоделци за што до сега се одобрени над 130 барања во вкупен износ од 1 300 000 евра.

Се дискутираше и за најавената владина мерка за распределба на државно земјоделско земјиште, до и над 3 хектари, за која претставниците на земјоделските здруженија истакнаа дека ќе биде од голема помош и поддршка за земјоделските стопанства кои сакаат да започнат и да го прошират своето производство. Тие изразија и поддршка за проектот на Владата за легализација на фармите кои се наоѓаат на градежно земјиште, што ќе значи поголема вредност на земјоделското производство и стопанство.

Премиерот Груевски изрази уверување за продолжување на поддршката на земјоделците, отвореноста и заедничката соработка за проектите кои што се од нивен интерес истакнувајќи дека земјоделието останува еден од најважните владини приоритети.