Средби на Јолевски со неговите колеги од Чешка и Словачка во рамки на саемот во Брно

Република Македонија ги има исполнето сите услови и критериуми за влез во НАТО, чии вредности целосно ги споделуваме и негуваме. Припадниците на Армијата на Република Македонија повеќе од 13 години даваат несебичен и исклучително значаен придонес во процесот на воспоставување мир, стабилност и демократија во глобални рамки.

Ова го истакна министерот за одбрана на Република Македонија, Зоран Јолевски на денешните кратки одвоени средби со министерот за одбрана на Чешката Република, Мартин Стропницки и на Словачката Република, Мартин Глвач, реализирани при неговата посета на Меѓународниот безбедносен и одбранбен саем во Брно, Чешката Република.

На одвоените средби министерот Јолевски посочил дека блиските односи на Република Македонија со земјите-партнери, меѓу кои и Чешка и Словачка, се од приоритетно и стратешко значење, особено од аспект на заслуженото приклучување на Република Македонија во рамки на евроатлантските структури.

- Министрите Стропницки и Глвач ја потврдија целосната поддршка на Чешка и на Словачка за полноправно членство на Македонија во НАТО. Тие истакнаа дека нашата држава преку континуираните одбранбени реформи, како и придонесот кон мисиите за воспоставување на мир, безбедност и стабилност, предводени од НАТО се несомнен пример дека Македонија ги цени вредностите на современото општество, како и вредностите на Алијансата, стои во денешното соопштение од Министерството за одбрана.

Во рамки на посетата на Чешка, министерот Јолевски остварил средба и со претседателот на Комисијата за надворешни работи, одбрана и безбедност во чешкиот Сенат, Франтишек Бублан, на која укажал на значајната улога која законодавното тело ја има во областа на одбраната и безбедноста и на потребата од блиски контакти помеѓу Комисијата и Министерството, но и помеѓу Комисиите за одбрана во законодавните домови на партнерските земји.

Претседателот на Комисијата Бублан, изразил задоволство од нивото на развој на односите помеѓу двете земји.

- Македонија направи има целосна и недвосмислена поддршка во пристапувањето кон Северноатлантската Алијанса, истакнал Бублан, стои во соопштението од МО.

Посетата на Чешката Република, соопшти МО, министерот Јолевски ќе ја искористи и за средба со заменик-министерот за одбрана на Чешката Република, Даниел Костовал. На средбата, како што е најавено, министерот Јолевски ќе укаже на потребата од интензивни контакти и соработка помеѓу двете земји, посочувајќи на капацитетите и способностите кои ги поседува Република Македонија во областа на одбраната и безбедноста.