Министерот Јолевски во посета на Турција

Министерот за одбрана на Република Македонија, Зоран Јолевски, присуствува на Меѓународниот саем за одбранбена индустрија „ИДЕФ 15“ во Истанбул, Република Турција, кој се одржува под покровителство и поддршка од Министерство за национална одбрана на Република Турција.

Посетата ќе биде искористена за средби со Министерот за национална одбрана на Република Турција, Исмет Јилмаз, Началникот на Турските воени сили, генерал Неџдет Озел, посета на Командата на воените академии на Република Турција, како и за средби со други министри и високи гости кои ќе присуствуваат на саемот.

Во рамки на неговата посета на Република Турција, Министерот за одбрана на Република Македонија вчера ги посети Воените академии на Република Турција при што оствари средба со командантот на Воените академии, армискиот генерал Абдулах Реџеп. За време на средбата се разговараше за развојот на образованието помеѓу високо образовните школи односно за унапредување на соработката особено во делот на втор и трет циклус на студии.

Министерот Јолевски изрази благодарност за континуираната обука и школување на офицери, подофицери, професионални војници и питомци во Воените академии на Република Турција и додаде дека оваа обука е многу значајна за развојот на нашите припадници на Армијата на Република Македонија. Во оваа прилика министерот Јолевски му порача на командантот Реџеп дека „Образованието на идните офицери на АРМ, како и перманентната обука на офицерскиот и подофицерскиот кадар е високо на мојата агенда. Искуствата од турските воени школи високо ги ценам“.

Командантот на Воени академии, армискиот генерал Абдулах Реџеп, истакна: „Нашите народи имаат историска поврзаност и истата е причината за нашата поддршка за членство на Република Македонија во НАТО“.

Со цел поголемо ниво на размена на студенти, министерот Јолевски пренесе дека од идната година на Воената академија ќе има постдипломски студии на англиски јазик и предложи дека е добро да се разгледа можноста за размена на професорски кадар кои би предавале на Воените академии во Македонија и Турција. Воедно стана збор за заеднички истражувања на докторанти од третиот циклус на студии.

Во текот на вчерашниот ден министерот за одбрана, Зоран Јолевски, го посети и Центарот за компјутерски воени симулации кој е еден од најсовремените Центри помеѓу НАТО земјите и договори размена на искуства од оваа област.