Груевски: Регистарот на цени на недвижности корисен за граѓаните и компаниите

Регистар на цените на недвижности што ќе го воспостави Катастарот за период од околу две години ќе им помогне многу и на граѓаните и на компаниите за одредување точни цени на станови, куќи и друг вид земјиште во различни делови на Скопје и на другите градови  во Македонија, изјави денеска премиерот Никола Груевски.

Проектот, според Груевски, ќе помогне и за реално прибирање на даноци од страна на општините, за разни статистички операции на Државниот завод за статистика,  Централната банка на РМ...

- Ќе помогне за граѓаните да знаат отприлика во кој кварт, во кој дел на одреден град како се движат цените и за тие што продаваат и за тие што купуваат. Ќе има и други бенефити. Ваков регистар веќе е воспоставен во најголем дел од развиените западни држави и дава одлични резултати, изјави Груевски, потенцирајќи дека проектот е изборно ветување кое ќе се реализира во ветениот рок. 

Во Агенцијата за катастар на недвижности,  како што информира Груевски, му биле презентирани реализираните и  идните проекти.

-  Можам да кажам дека во овие години Катастарот навистина направи сериозен прогрес, многу проекти се успешно завршени и многу работи се направени да бидат електронски. Електронски да се одвиваат, да се намали доаѓањето на шалтери, да се намалат чекањата, да се намалат трошоците, да се забрза издавањето на разни имотно листови и слично, изјави Груевски. 

Вработените во Катастарот, додаде, можат да бидат горди на тоа што го направиле во овој период, а ние треба да останеме силно посветени како Влада на нивна поддршка во однос на тоа што го планираат за наредните три години односно што е дел и од владината програма. Практично овие сите работи ние ги имаме ветено во нашата програма. Она што е исто така карактеристично е што денеска започна, изјави Груевски.