Груевски: Ангажманот на Владата ја намали невработеноста на најниско ниво досега

Невработеноста во Македонија континуирано се намалува, како резултат на политиките на Владата во креирање добра бизнис клима и понуда за компаниите да инвестираат и да отвораат нови работни места.

Тоа го оцени денеска премиерот Никола Груевски кометирајќи ги последните статистички податоци за квартално намалување на невработеноста во држава за 0,3 проценти, од 27,9 на 27,6 проценти.  

- Намалувањето практично е континуитет веќе подолг период. Неколку години, секој квартал, секои три месеци, имаме одредено намалување на невработеноста и трендот е јасен дека невработеноста  не инцидентно, туку континуирано се намалува, изјави Груевски, одговарајќи на новинарски прашања по посетата на Катастарот. 

Тоа, додаде, е резултат на сите политики што ги направивме досега, сите чекори како Влада и како држава, пред се во делот  на креирање добра бизнис клима за компаниите, односно и домашните и странските компании да сакаат да инвестираат.

Причина за намалување на невработеноста, наброја, е и давање соодветна понуда на компаниите однадвор во смисла на правење на роуд шоу, пристап до големите компании, до нивните претседатели, ангажман на министрите без ресор кои се задолжени за привлекување инвестиции, на Агенцијата за привлекување инвестиции и на промоторите  во триесетина држави.

- Ангажман и на сите други министри  во однос на еден вид сервис на компаниите и оние домашните што егзистираат и оние странските кои што се дојдени за да бидат задоволни од нивното работење тука и на некој начин да се охрабрат за наредна инвестиција, но и да не препорачаат како држава на други компании кои размислуваат да инвестираат тука во Македонија. Се разбира тука се сите други работи што се поврзани со правење добра бизнис клима, како што се ниски даноци, рамни даноци, како што се намалени бирократски процедури, забрзани постапки, се она што Македонија ја прави држава како една од најдобрите во светот во однос на добрата бизнис клима, изјави Груевски.

Според Груевски, добрата бизнис клима е основата со која потоа може да се прави маркетинг и да се привлечат компаниите да дојдат тука и да отворат нови работни места.

- Значи нови работни места се отвораат само со развој на реалната економија, тоа е главниот двигател, а за да се случи тоа потребно е првин да се има добро завршена домашна работа, а потоа сето тоа добро спакувано да биде продадено на потенцијалните инвеститори, како и добриот однос на Влдата кон инвеститорите, рече премиерот Груевски.