Груевски: Владата со поддршка од 2,2 милиони евра за иновациски развој на компаниите

Премиерот Никола Груевски апелира компаниите да ја искористат можноста да добијат грант за  реализирање на иновативна бизнис идеја преку преку Фондот за иновации и технолошки развој. 

Конкурсот за доделување грантови преку Фондот за иновации е отворен до 18 следниот месец. На него може да аплицираат старт ап и спин оф компании со идеја за нов производ и за нешто ново со некоја иновација.

Иновацискиот развој на компаниите, посочува Груевски, Владата годинава го поддржува со 2,2 милиони евра.  Со тековниот конкурс компаниите ќе добијат до 30.000 евра за иновативен проект, односно вкупно 600 илјади евра.

- Ги повикувам сите компании и сите поединци коишто имаат идеја, коишто имаат иновација да не го пропуштат ова и да се обидат да го стават во форма во која се очекува преку бизнис план и тн. да го достават до Фондот за иновации каде што специјална комисија составена од меѓународен борд ќе одлучува кои од нив треба да се прифатат, а кои не. Ги повикувам сите да ја искроистат или да се обидат да ја искористат оваа шанса, затоа што првпат во Македонија државата доделува ваков вид грант, изјави Груевски, одговарајќи на новинарски прашања по посетата на Агенцијата за катастар на недвижности.

Иновациите, потенцира премиерот, се она што го движи светот и што ја движи економијата.

- Најголемите заработки во светот историски гледано во економијата се направени кај оние компании што имале иновација. Иновацијата е можност без посебни средства особено вака кога Владата односно Фондот за иновации дава грантови, луѓе кои немааат пари, а имаат добра идеја, да заработат, а некои од нив да станат и богати. Практично поголем  и позначаен дел од најбогатите луѓе во светот успеале преку некоја иновација што можеме да го вдиме или прочитаме насекаде, изјави Груевски.