Доделени нови 50 решенија за легалзиација на дивоградби во Кисела Вода

Општина Кисела Вода додели 50 нови решенија за легализација на бесправно изградени објекти. Решенијата ги доделија министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески и градоначалникот Билјана Беличанец - Алексиќ.

Министерството, нагласи Јанакиески, останува на определбата да го реши прашањето за сите граѓани, кои имаат диво изградени објекти, на што покажуваат и измените на Законот со кој е пролонгиран рокот за доставување геодетски елаборати до 31 декември годинава.

- Направени се и измени на Законот за катастар на недвижности, со кои Агенцијата за катастар на недвижности по службена должност ќе изработува бесплатни геодетски елаборати за социјално ранливите категории. Со оваа мерка се опфатени приматели на социјална парична помош, постојана парична помош и лица со ниски приходи до 168 илјади денари годишно на ниво на домаќинство, рече Јанакиески.

Заклучно со вчера од поднесените 350 илјади барања за легализација на бесправно израдените објекти, решени и заведени во АКН се 116.933 барања или 36 отсто од барањата.

Јанакиески упати апел до граѓаните кои немаат доставено геодетски елаборат да побрзаат да не го чекаат последниот рок, бидејќи геодетските фрми ќе немаат доволно време да ги изработат сите елаборати. 

Во општина Кисела Вода, според градоначалничката, досега легализирани се 3.504 дивоградби, или една третина од поднесените 11.877 барања.

- Како локална самоуправа, вложивме максимални напори целокупниот процес непречено и динамично да тече, воведувајќи повеќе технички мерки за засилување на динамиката на работа. Со решенијата сопствениците веќе можат да земаат кредит, хипотека, имотот ќе можат да го остават во наследство на своите поколенија. Општината пак, може да носи нови урбанистички планови во кои ќе ги впише новолегализираните објекти, рече Беличанец-Алексиќ.