Обучени административци ќе го олеснуваат пристапот на лицата со инвалидност до институциите

Седумстотини седумдесет и шест вработени лица во јавната и државната администрација ќе им помагаат на лицата со инвалидност за остварување на нивните права и обврски во институциите. Тие денеска добија сертификати за завршена обука во рамки на Проектот „Достапна администрација за лица со хендикеп“.

На ваков начин, како што појасни денеска министерот за труд и социјална политика Диме Спасов на доделувањето на сертификатите, ќе се надминат бариерите со кои се соочуваат лицата со инвалидност, ќе се олесни нивната комуникација со државните служби и постапките за остварување на нивните права и обврски што ги имаат во државните и јавните институции.

- Обуките на овие 776 вработени во институциите беа во насока на препознавање на лицата со инвалидност, совладување на бариерите и стереотипите со кои се соочуваат, олеснување на постапките и пред се помош за лицата со инвалидност во остварување на нивните права или обврски, рече Спасов.

Додаде дека ова уште еден проект од Програмата на Владата кој е насочен за ранливите категории на граѓани за олеснување на нивната состојба.

Министерот за информатичко општество и администрација смета дека оваа обука е пример како Владата прави реформа во администрацијата за таа да стане услужно ориентирана.

- Од анализите што ги спроведовме во текот на минатата година како Министерство задолжено и за администрацијата, и преку т.н. проект „таен клиент“ беше увидено дека во голем број институции, оние што немаат доволно финансиски средства да изградат рампи достапни за лицата со инвалидност, беше неопходно да се спроведе една ваква обука на вработените во администрацијата. Кога лице со посебни потреби ќе пристигне во одредена институција да заѕвони на едно ѕвонче и лицето од администрацијата задолжено за комуникација граѓаните од оваа категорија да може да слезе да комуницира со нив, да им излезе во пресрет и да ја реализира нивната услуга, рече Ивановски.

Додаде дека на ваков начин се докажува она кон кое, како што рече, цело време се стремиме, а тоа е да направиме една ефикасна и услужно ориентирана администрација.

Најави дека како Влада ќе продолжат да спроведуваат обуки кои ќе имаат за цел да им ја направат администрацијата подостапна на лицата со инвалидност.

Претходно Владата спроведе обуки и за толкувачи на знаковниот јазик за потребите на глувите лица.