Новогодишно обраќање на министерот Попоски пред дипломатскиот кор

Денес, Министерот Никола Попоски, традиционално, упати честитки за Нова Година до претставниците на дипломатскиот кор. 

 Попоски во своето обраќање ќе каже: “Почетокот на оваа година ќе остане врежен во нашите сеќавања. За жал, се соочивме со еден терористички акт, непоимлив за денешницата, во една пријателска земја. Варварскиот чин, во кој повеќе лица го изгубија животот, беше кукавички акт и обид за заплашување на вредностите кои ни се драгоцени. Во овие трагични опкружувања, кога Франција беше погодена во срцето, македонската држава и народ ја изрази својата солидарност. Ја реафирмиравме силната поддршка на Република Македонија за борба против тероризмот, рамо до рамо со Франција и сите наши партнери”. 

 Министерот Попоски истакна дека Република Македонија во целост ги споделува европските вредности. Стратешки приоритети во 2015 г. останува европската интеграција и економскиот развој.  “Искрено, не гледам подобра опција за нас од членство во еден богат и среден клуб во светски рамки, како што е Европската Унија. Македонскиот случај е уникатен- земја која скоро 10 години има кандидатски статус со Унијата а сеуште не ги започнала преговорите. Во такви услови најкорисно е да бидеме реални. Има фактори врз кои потешко може да се влијае од надвор. Најмудро е да се посветиме на намалување на невработеноста, поттик на бизнисот, промоција на инвестиции-работи кои најмногу зависат од нас”. 

 Во продолжение Попоски подвлекува: “НАТО останува стратешка цел и покрај досегашното одложување на заслужената покана за членство, заради добро познатата причина. Ние и покрај се, се солидаризиравме и сме партнери во глобалната коалиција за борба против Исламската Држава, а продолживме и со нашиот ангажман, кој не е за потценување, во новата мисија на Алијансата во Авганистан-Одлучна поддршка“.

 Тој додава ”факторот на сила го немаме, но со нашиот мирољубив пристап можеме само да придонесеме кон глобалниот светски мир. Очекувам повеќе разум во оваа година. Како мала земјa, во овој контекст придаваме значење и сме свесни за неопходноста од наша афирмација во мултилатералните форуми”

 Република Македонија членува во Советот за човекови права како едно од најпрестижните тела во рамките на Обединетите нации, што претставува признание за нашите постигнувањата во сферата на промоцијата и заштитата на човековите права, во септември 2014 станавме и членка на Бордот на гувернери на Меѓународната агенција за атомска енергија. Продолжува и нашето членство во Извршниот одбор на УНЕСКО. Со подеднаков интензитет се ангажиравме и на интензивирање на регионалната соработка и во тој контекст, преземањето на претседавањето со Централно-европската иницијатива каде особено внимание, во текот на 2015 година, ќе посветиме на развојот на транспортната и енергетската инфраструктура и бизнис релациите во Регионот.

Попоски се осврна и на приоритетите на македонската дипломатија за 2015-та година. “Во фокусот на нашите активности остануваат односите со нашите соседи и нивно понатамошно унапредување. Економскиот развој на земјата е врвен приопритет и во таа насока дипломатијата ќе придава и понатаму посебно значење. За таа цел ќе се обидеме да ги опфатиме и оние земји и региони каде ќе нотираме долгорочни економски потенцијали, а можеби немаме дипломатско присуство”.

 Министерот Попоски заклучи дека во остварувањето на нашите надворешно-политички приоритети, ја охрабрува и високо ја цени работата и поддршката на дипломатските претставници на ценетите земји и организации, кои се пријатели и партнери на Македонија.

 Конечно, на претставниците на дипломатскиот кор, министерот Попоски им посака одлично здравје, многу среќа, успех и благосостојба и сѐ најдобро во Новата 2015 година, упатувајќи и еден цитат до присутните на нашата Блажена Мајка Тереза, која примајќи ја Нобеловата награда за мир, изјави: „Конечно светот разбра дека делата на љубов имаат поголем придонес во создавањето на мирот“ („Finally the World understood that the acts of love have bigger contribution in creating peace“),  посакувајќи оваа мисла да допре до срцата и да ги потсети сите за нејзиното значење во градењето и развојот на светскиот мир и поредок.