Груевски во Ченаи - Македонија добро стратегиски лоцирана за индиските компании

Претседателот на Владата на Република Македонија, г-дин Никола Груевски во рамките на официјалната посета на Република Индија, денес (13 јануари 2015 година) во градот Ченаи оствари повеќе поединечни средби со големи бизнис компании, пред кои ги презентираше можностите за инвестирање во Република Македонија.

Премиерот Груевски оствари средба со генералниот директор и сопственик на ТАФЕ Груп, г-ѓа Малика Сринивасан и со раководниот менаџмент на оваа компанија. ТАФЕ Груп е трета по големина компанија во светот која се занимава со производство на трактори, комбајни и земјоделска механизација, и има годишен обрт на средства од 2,5 милијарди долари. Оваа компанија има производствени погони во Република Индија и во Република Турција, и тие се заинтересирани за инвестирање и отворање на производствен погон во регионот на Балканот, при што се интересираа за можностите за инвестирање кои ги нуди Република Македонија, разгледувајќи ја како можна локација за инвестирање.

Премиерот Груевски им ги објасни поволностите кои ги нуди Владата за водење на бизнис и инвестирање во Република Македонија.

Имавме средба со компанија која е трет производител по големина на комбајни и трактори во светот. Тие размислуваат да отворат фабрика за производство на трактори и комбајни со помала моќност за што разгледуваат различни локации, така што ја презентиравме Македонија како одлично место за инвестирање, пред сопственикот на компанијата и пред менаџментот, изјави Груевски.

Сопственикот и главен менаџер на компанијата ТАФЕ Груп, Малика Сринивасан по средбата изјави дека нејзината компанија во своите анализи за ширење на инвестициите ја анализира и нашата земја. Малика Сринивасан магазинот Форбс ја вброи меѓу 100 најбогати, со проценето богатство од над 2 милијарди долари.

ТАФЕ е присутна во 80 држави во светот и бараме да лоцираме место каде ќе може да започнеме со производство на трактори во регионот, а Македонија е една од државите која ја разгледуваме. Имавме продуктивни разговори денес со премиерот и министрите. Македонија денес е една од најстабилните држави, многу прогресивна, и многу пријателски настроена кон инвеститорите. Оваа е таа привлечност која ги носи луѓето во Македонија, инфраструктурата се развива многу добро. Гледајќи напред Македонија може да им овозможи на компаниите да биде порта кон Европа, како и кон ЦЕФТА земјите, изјави Малика Сринивасан, која воедно е претседател и на Амалгамајшн Груп.

Камал Ануја, кој е заменик директор на Амалгамајшн Груп и ТАФЕ Груп, истакна дека Македонија нуди поволни услови за инвестирање.

Сега бараме можност да инвестираме во производствени погони во регионот, а можеби и во Македонија, како би можеле да се прошириме од таму на другите европски пазари. Македонија е стратегиски добро лоцирана, имате добри договори за слободна трговија со земјите од ЕУ и тоа е можност која ја истражуваме многу сериозно, изјави Камал.

Премиерот Груевски оствари средба и со менаџментот на болницата Аполо, која во Индија е најреномираната болница и има над 50 големи медицински центри.

Остваривме средба со компанија која што ги има најсилните и најдобрите болници овде во Индија. Тоа е компанија која во Индија се занимава и со спа-центри. Нивните болници имаат највисоки достигнувања и највисока соработка со најпознатите болници во светот во областа на медицината и во различни области кои се поврзани со роботиката во медицината. Со нив разговаравме за можности да отворат во иднина болница во Македонија особено во новите здравствени зони, а пројавуваат интерес и за бањскиот туризам, истакна премиерот Груевски.

Финансискиот директор на Аполо болниците, Ени Мари Монкури истакна дека Аполо е најголемата здравствена установа која овозможува здравствена грижа. Истакна дека менаџментот е заинтересиран за можноста за соработка и инвестирање во повеќе области во Македонија, при што ги потенцираше областа на здравствената заштита, размената на доктори, и инвестициите во спа-центри.

 Имаме 50 болници и опслужуваме 1500 пациенти дневно. Лидер сме во хирургијата и трансплантација. Многу сме возбудени од можностите кои Македонија ги презентира. Прекрасна локација е, а Владата е насочена кон иднината, и се радуваме за можноста да соработуваме на секој можен начин. Извршниот директор г-ѓата Питерети денес се согласи на размена на доктори и физичари кои ќе вежбаат роботика во нашите центри. Аполо е посветена кон развивање и на спа-центри и здравствена заштита проширувајќи се низ светот, изјави директорот Монкури по средбата.

Премиерот Груевски оствари средба и со повеќе други менаџери на компании кои се заинтересирани за можностите за инвестирање во Република Македонија, а чија цел е отворање на нови работни места. Тој се сретна и со претседателот на Инвестицискиот фонд во Индија и директор на Коптал Партнерс Груп, Чакри Локаприја.

 Мислам она што го создаде македонската Влада е феноменална инфраструктура и одлични услови како и добра даночна политика и создадени различни инвестициски зони. Затоа мислам дека ќе привлечете капитал и други компании кои ќе инвестираат. Македонија е земја која се развива, економијата се развива брзо, и имате потреба од различни големи компании, а истовремено завршивте голема работа отворајќи економски зони, истакна Чакри Локаприја.

Премиерот Груевски и владината делегација во текот на денот ја продолжува својата посета на Република Индија при што ќе престојува во градот Калкута, каде ќе оствари повеќе средби со компании и ќе го посети меморијалниот центар Мајка Тереза.