Македонија и Словенија ќе ја интензивираат соработката во делот на правосудството

Интензивирање на соработката и размена на искуства, договорија денеска министрите за правда на Македонија и Словенија, Блерим Беџети и Сенко Пличанич, по нивната средба во Скопје.

Двајцата оценија дека досегашната соработка меѓу двете држави е добра, но оти има многу можности за нејзино продлабочување. Договорено е меѓу двете министерства да биде потпишан меморандум за соработка, како и да биде реализирана посета на македонскиот министер на Република Словенија.

- Ефикасно и независно судство е од големо значење за една правна држава. За тоа сите сме свесни и во тој дел мора уште многу да направиме. Мислам дека имаме многу можности да соработуваме и да размениме искуства.  И за нас во Словенија да научиме нешто од вас, а и ние како членка на ЕУ можеме многу да направиме за вас во Македонија во областа на правосудството, изјави словенечкиот министер Пличанич по средбата со неговиот македонски колега.  

Според министерот Беџети, словенечките искуства може да се искористат во делот на Законот за кривична постапка, како и во однос на медијацијата на која како процес македонската Влада посветува огромно внимание. Словенија, пак, како што посочи Беџети, може да ги искористи македонските искуства во поглед на растоварувањето на судовите со предмети.  

- Во Македонија тоа фунционира одлично имајќи предвид дека околу 400 илјади предмети веќе се надвор од судовите. Подготвени сме таа реформска активност да биде достапна и за Словенија, нагласи Беџети.

Македонија, додаде тој, очекува да продолжи и натамошната поддршка од Словенија во однос на евроинтегративните процеси.

- Имајќи предвид дека периодот е многу значаен и важен за Македонија како држава вклучувајќи дека водиме Висок претпристапен дијалог за поглавјата 23 и 24 кои се многу важни за нас како држава во делот на евроинтегративниот пат кон ЕУ, очекуваме натамошна поддршка во оваа сфера од Република Словенија, потенцира Беџети.