Бектеши: Предвидени 45 милиони денари за субвенции на домаќинства преку мерките за енергетска ефикасност во 2018 година

 

Министерот за економија Крешник Бектеши на денешната прес конференција информираше за успешно реализираните мерки во енергетскиот сектор, насочени кон зголемување на енергетската ефикасност.

„Со преземањето на функцијата веднаш се ангажирав за одобрувањето на третиот акционен план за енергетска ефикасност усвоен од Владата, како една од обврските што произлегуваат од Договорот за основање на Енергетска заедница, исполнувајќи една од многуте обврски што ги имаме како држава со овој важен договор. Затоа посветивме посебно внимание на мерките за енергетска ефикасност, од кои придобивките директно веќе ги чувствуваат домаќинствата и кои ќе придонесат и за зачувување на животната средина“, истакна Бектеши.

Со цел стимулирање на користењето на сончевата енергија од страна на граѓаните беше обезбедена поголема финансиска поддршка преку зголемување на буџетот со ребалансот, па за купување и вградување на соларни колектори подддршка годинава обезбедија 1794 домаќинства.

Министерот Бектеши информираше дека со ребалансот на буџетот за 2017 година, согледувајќи ја потребата за алоцирање на повеќе средства за една од мерките - замена на дрвените прозори со ПВЦ или алуминиумски, се обезбедија дополнителни 16 милиони денари, од претходно предвидените за таа намена, со што и бројот на вкупните домаќинства корисници на оваа мерка за 2017 е зголемен на 1.327.

„Со мерките за вградување на соларни колектори и ПВЦ или алуминиумски прозорци ќе продолжиме и во иднина, а средства за нив се предвидени и во буџетот за 2018 година. Од следната година домаќинствата ќе имаат на располагање дополнителна, нова мерка - за купување на ефикасни печки за греење на пелети, со која ќе се придонесе за заштеди на електрична енергија, олеснување на домашниот буџет и, секако, зачувување на животната средина“, појасни Бектеши.

За овие мерки Министерството за економија предвиде 45 милиони денари субвенции за граѓаните за енергетска ефикасност во 2018 година, а годинешната поддршка за над 3 илјади домаќинства е навремено исплатена.

 

Категорија: