Честитка од премиерот Никола Груевски по повод Рамазан-Бајрам

ДО ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА ИСЛАМСКАТА ЗАЕДНИЦА

ВО РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА

Реис Ул Улема, Хаџи Сулејман Ефенди Реџепи,

 

Почитуван Претседател на Исламската заедница во Република Македонија, г-дин Реис Ул Улема, Хаџи Сулејман Ефенди Реџепи,

 

Чест ми е, Вам лично, на членовите на Ријасетот и на сите верници од исламската вероисповед во Република Македонија, од мое лично име и од име на Владата на Република Македонија, да Ви го честитам големиот муслимански празник Рамазан Бајрам.

Бајрамските празнувања, и воопшто големите религиозни празници и народни обичаи поврзани со нив, од секогаш биле можност за почитување и зближување на луѓето од различните религии во Македонија. Изминатите времиња, искуствата и нашите постари секогаш не учеле и советувале, кога празнуваме да празнуваме заедно, покрај себе да ги имаме нашите роднини и пријатели со кои споделуваме исти верски убедувања, но и нашите соседи и сограѓани од другите религии, и на тој начин на дело да го потврдиме соживотот и пријателството. Таквиот однос може да ни донесе само добри нешта и да го помогне развојот на државата во која заеднички живееме.

Токму затоа, честитајќи Ви го големиот празник, дозволете ми да го изразам своето уверување дека и во иднина ќе продолжиме да ја унапредуваме меѓусебната почит и соработката помеѓу граѓаните, верниците  и религиските заедници од Република Македонија, се со цел демократски да го зајакнеме нашето општество и да поттикнеме подобар живот на секој наш граѓанин. Заеднички да продолжиме со нашите залагања за овозможување на услови за економски развој и унапредување на стандардот на граѓаните, и со работа на модернизација и реформи во секоја општествена сфера, се со цел изградба на напредна Република Македонија.

Испраќајќи Ви искрени честитки за празникот, Ви пожелувам среќни бајрамски празнувања исполнети со многу мир, добри мисли и добри дела во секое од Вашите семејства.

 

            Нека Ви е честит големиот муслимански празник !

 

 

            Со почит,

 

 

Никола ГРУЕВСКИ