Османи со обраќање на Самитот ЕУ-Западен Балкан во Брисел: „Постепената интеграција на земјите од Западен Балкан како нужен чекор пред нашето формално членство”

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи денес, во рамки на работната посета во Брисел, се обрати на Самитот ЕУ-Западен Балкан, во организација на реномираната Бриселска тинк тенк организација Friends of Europe.

„Проширувањето на Европската Унија отсекогаш имало меритократски и геополитички аспект” истакна Османи, посочувајќи дека патот на Северна Македонија кон Унијата беше исполнет со исклучително тешки предизвици, но никогаш не отсуствувала стратешката јасност околу нашиот првенствен надворешно-политички приоритет за членство во Европската Унија.

На сесијата насловена “Проширувањето на ЕУ: новата геополитичка неопходност”, Oсмани рече дека токму концептот “сѐ или ништо” не нуди придобивки за граѓаните пред формалното полноправно членство. Оттука, според Османи концептот за повеќе интеграција пред полноправно членство претставува најдобро можно решение.

„Уверен сум дека концептот на забрзана и постепена интеграција, кој што го нарековме "Повеќе интеграција пред членство" ќе даде опипливи придобивки дури и во оваа фаза од процесот на пристапување. Очекувам да се поканат партнерите од Западен Балкан кои имаат 100% усогласена со надворешната и безбедносна политика на ЕУ да учествуваат на состаноците на Советот за надворешни работи, да добиеме пристап до Единствениот пазар на ЕУ и до структурните и кохезивните фондови", истакна Османи.

Покрај министерот Османи, на сесијата посветена на проширувањето на Унијата со свои обраќања учествуваа и заменик претседателката на Владата за европска и евро-атлантска интеграција на Украина, Олга Стефанишина; министерот за Европа и надворешни работи на Албанија, Игли Хасани; министерите за европски прашања на Чешката Република и Црна Гора, Мартин Дворак и Мајда Горчевиќ; генералниот директор на Директоратот за соседство и преговори за проширување на Европската комисија, Герт Јан Копман; специјалниот претставник на ЕУ за дијалогот Белград-Приштина, Мирослав Лајчак; амбасадорот на САД во Србија, Кристофер Хил како и поранешниот еврокомесар за проширување, Штефан Филе.