Сенатори од Чешка во посета на МНР: Недвосмислена поддршка за нашиот ЕУ пристапен процес од традиционално пријателска и партнерска Чешка

Министерот за надворешни работи Бујар Османи оствари средба со делегација од Комисијата за европски прашања на Парламентот на Чешката Република, предводена од претседателот на оваа Комисија, Владислав Вилимец, која претстојува во работна посета на Северна Македонија.

Во фокус на разговорите со чешките сенатори беа перспективите и предизвиците на процесот на пристапување во ЕУ и недвосмислената поддршка од Чешка на овој пат.

„Ја ценам посветеноста на Чешка и повиците за зајакнување на ангажманот на ЕУ во земјите од Западен Балкан меѓу другото, и преку неформалната група Пријатели на Западен Балкан. Бројните јавни изјави за поддршка од чешки официјални лица за нашата интеграција во ЕУ пред и за време и по чешкото претседателство со Советот на ЕУ се потврда за дека традиционалното пријателство и партнерство меѓу Северна Македонија и Чешка”, истакна Османи.

Соговорниците ја потврдија и одличната економска соработка и заемна поддршка во мултилатералните односи. Во тој контекст, се осврнаа на успешното заокружување на нашето ОБСЕ претседавање и упатија честитки до министерот Османи како ОБСЕ претседавач за исклучителниот успех постигнат на 30-тиот Министерски состанок на ОБСЕ, кој се одржа минатата седмица во Скопје.

Османи со чешките сенатори размени мислења и за актуелните политичко-безбедносни прашања со кои се соочува Западен Балкан и регионалната динамика.