Ковачевски: Вложуваме во модерни и безбедни патишта, со експресниот пат Ранковце-Крива Паланка и Коридорот 8 привлекуваме нови инвеститори и отвораме нови работни места

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, заедно со министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски и директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Ејуп Рустеми, денеска, беа на увид на градежните активности на експресниот пат Ранковце-Крива Паланка.

Вкупната вредност на изведбата е 62,5 милиони евра, средства обезбедени од Светска банка.

На настанот присуствуваа и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, како и градоначалникот на Крива Паланка, Сашко Митовски.

„Тука сме да ja поздравиме динамиката на изведбата на градежните работи на оваа делница, која е дел од Коридорот 8, чија доизградба заедно со Коридорот 10-д, е најголемиот инфраструктурен проект на нашата држава досега.

Со нашето доаѓање овде, на увид во изведбата и реализацијата на патниот правец Крива Паланка-Длабочица-Страцин како дел од меѓународниот Коридор 8, сакаме да испратиме порака дека обезбедувањето на модерни патишта, градени според европски стандарди е нашиот приоритет број еден во остварувањето на нашата стратешка цел, а тоа е побрзо патно поврзување на државата со регионот и светот и нејзино претворање во современа инфраструктурна, инвеститорска и економска крстосница“, истакна премиерот Ковачевски, при увидот на делницата, кој порача дека очекува реализацијата на оваа делница да се заврши во очекуваниот рок, до средината на следната година, по можност и поскоро, со цел граѓаните да можат час поскоро да ги уживаат придобивките на една модерна патна инфраструктура, кои ги уживаат и сите европски граѓани.  

Тој нагласи дека изведбата на делниците кои се дел од Коридорот 8 ќе донесат далекусежни придобивки за нашите граѓани бидејќи ќе ја поврзат нашата држава со пристаништето Варна на исток и пристаништето во Драч на запад.

„Успехот во остварувањето на оваа цел за нас како Влада ќе биде успех за Северна Македонија, која на овој начин ќе добие на цена како просперитетна и стабилна држава, привлечна за странските инвеститори. На тој начин, повеќекратно ќе помогнеме на нашата држава во обезбедувањето на нови работни места и отворање на нови компании, кои ќе бидат конкурентни на светските пазари. Но, не само тоа. Меѓународното поврзување на нашата држава многукратно ќе го зголеми и обртот во сите други сектори, како туризмот, угостителството, производството на храна и генерално, ќе се стимулира растот на економијата и порастот на работните места“, рече премиерот Ковачевски, додавајќи дека од 2017 до 2022 година се вложени преку 1 милијарда евра за изградба и рехабилитација на патишта.

Премиерот Ковачевски посочи дека само во последните три години, во услови на здравствена, економска и енергетска криза вредноста на капиталните инвестиции изнесуваат 1,1 милијарда евра и дека се изградени и рехабилитирани 44 експресни, магистрални и регионални патишта. Тој нагласи и дека лани е регистрирана рекордна реализација на капитални инвестиции од 465 милиони евра, што е за 60% повеќе од 2014 година.

„Започна изградбата и на железничката пруга од Коридорот 8, инвестиција вредна преку 600 милиони евра. За прв пат ја поврзуваме нашата држава со запад и исток, како надополнување на патната инфраструктура на потегот север-југ. Вложуваме огромни инвестиции и ги потврдуваме нашите добрососедски политики кои се врвот на нашата агенда на патот кон евроинтеграциите. Вложуваме во сигурни, модерни и безбедни патишта затоа што се грижиме за нашите граѓани, нашата држава и нејзиното позиционирање на светската  транспортна рута“ рече премиерот Ковачевски.

Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски зборуваше за важноста на оваа делница како дел од Коридор 8.

„Со изградбата на експресниот пат Ранковце – Крива Паланка, па дополнително со реконструкцијата и проширувањето со дополнителна трета лента до граничниот премин Деве Баир со Бугарија, на источниот крак ќе имаме комплетен патен Коридор 8, кој ќе ја направи нашата земја клучен транзитен центар на Балканот и ќе придонесе за економско јакнење на целиот регион. Коридорот 8 има посебна економска и општествена вредност и значење.

Правиме се за што поскоро да ја завршиме неговата доизградба, како во овој дел, така и на западниот крак од Коридорот, каде започнавме со реализација на најголемата инвестиција во патната инфраструктура во земјата, со изградба на автопатите од Тетово до Гостивар, преку Стража до Кичево и од Требениште до граничниот премин Ќафасан, со што комплетно Коридорот 8 ќе биде модерна патна врска“, потенцираше министерот Бочварски.

Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Ејуп Рустеми изјави:

„Извршивме рехабилитација на магистралниот пат Куманово-Страцин со должина од 32 км и вкупна вредност од 13 милиони евра, кој е од витално значење не само за регионот, туку и за целата држава.

Беше рехабилитиран и реконструиран патот од Ранковце до Крива Паланка во должина од 21 километар, а реконструкција со рехабилитација и доизградба на една лента се одвива и на државниот пат Крива Паланка–Деве Баир во должина од 13 км, проект финансиран со средства од ЕБОР во висина од 12 милиони евра, каде што физичкиот прогрес на работите е 75 %. Исто така,  во изработка е проектната документација за рехабилитација на државен пат А2, обиколница на Крива Паланка“.

Патниот правец Крива Паланка-Длабочица-Страцин е дел од меѓународниот Коридор 8 и е од огромно значење за поврзаноста на Република Северна Македонија со Бугарија и Албанија и има огромно геополитичко значење за нашата држава. Со изградбата на оваа патна делница ќе се скрати времето на патување, ќе се добие побезбеден, комфорен и непречен сообраќај, а ќе се поттикне и економскиот раст, подобрувајќи ја трговијата, географската пристапност и мобилноста на луѓето.


Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, заедно со министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски и директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Ејуп Рустеми, денеска, беа на увид на градежните активности на експресниот пат Ранковце-Крива Паланка. 

Во продолжение изјавата на премиерот Ковачевски во целост:

„Почитуван министер за транспорт и врски, Благој Бочварски,

Почитуван директор на Јавното претпријатие за државни патишта, Ејуп Рустеми,

Почитувани присутни,

Почитувани медиуми,

Еден од нашите врвни приоритети како Влада е интересот и потребите на граѓаните да се на прво место. Една од тие потреби е и потребата за модерни, ефикасни и удобни патишта кои на нашите граѓани ќе им го скратат времето на патување и ќе им овозможат неколкукратни придобивки.

Затоа сме денеска тука, на делницата Длабочица-Чатал, која е дел од експресниот пат Ранковце-Крива Паланка, со која се заокружува и надополнува патната мрежа од трансевропскиот коридор 8. 

Тука сме да ja поздравиме динамиката на изведбата на градежните работи на оваа делница, која е дел од Коридорот 8, чија доизградба заедно со Коридорот 10-д, е најголемиот инфраструктурен проект на нашата држава досега.

Изградбата на експресниот пат Ранковце – Крива Паланка е во должина од 24,5 км, вреден 62,5 милиони евра, средства обезбедени преку Светската банка. Со изградбата на патната делница ќе се скрати времето на патување, а граѓаните ќе патуваат побезбедно, покомфорно и непречено по нови, модерни делници.

Очекувам реализацијата на оваа делница да се заврши во очекуваниот рок, до средината на следната година, по можност и поскоро, со цел нашите граѓани да можат час поскоро да ги уживаат придобивките на една модерна патна инфраструктура, кои ги уживаат и сите европски граѓани.   

Со нашето доаѓање овде, на увид во изведбата и реализацијата на патниот правец Крива Паланка-Длабочица-Страцин како дел од меѓународниот Коридор 8, сакаме да испратиме порака дека обезбедувањето на модерни патишта, градени според европски стандарди е нашиот приоритет број еден во остварувањето на нашата стратешка цел, а тоа е побрзо патно поврзување на државата со регионот и светот и нејзино претворање во современа инфраструктурна, инвеститорска и економска крстосница.

Изведбата на делниците кои се дел од Коридорот 8 ќе има далекусежни придобивки за нашите граѓани бидејќи ќе ја поврзат нашата држава со пристаништето во Варна на исток и пристаништето во Драч на запад.

Успехот во остварувањето на оваа цел за нас како Влада ќе биде успех за Северна Македонија, која на овој начин ќе добие на цена како просперитетна и стабилна држава, привлечна за странските инвеститори. На тој начин, повеќекратно ќе помогнеме на нашата држава во обезбедувањето на нови работни места и отворање на нови компании, кои ќе бидат конкурентни на светските пазари. Но, не само тоа. Меѓународното поврзување на нашата држава многукратно ќе го зголеми и обртот во сите други сектори, како туризмот, угостителството, производството на храна и генерално, ќе се стимулира растот на економијата и порастот на работните места.

Светската економска и енергетска криза не стави на искушение како и многу други држави, но не нѐ поколеба да го реализираме зацртаното. Само во последните три години, во услови на здравствена, економска и енергетска криза вредноста на капиталните инвестиции изнесува 1,1 милијарда евра. Изградени и рехабилитирани се 44 експресни, магистрални и регионални патишта. Од 2017 до 2022 година се вложени преку 1 милијарда евра за изградба и рехабилитација на патишта. 

Иако во услови на криза, сепак, Северна Македонија, лани имаше рекордна реализација на капитални инвестиции од 465 милиони евра, што е за 60% повеќе од 2014 година.

Започна изградбата и на железничката пруга од Коридорот 8, инвестиција вредна преку 600 милиони евра. За прв пат ја поврзуваме нашата држава со запад и исток, како надополнување на патната инфраструктура на потегот север-југ.   

Вложуваме огромни инвестиции и ги потврдуваме нашите добрососедски политики кои се врвот на нашата агенда на патот кон евроинтеграциите.Вложуваме во сигурни, модерни и безбедни патишта затоа што се грижиме за нашите граѓани, нашата држава и нејзиното позиционирање на светската  транспортна рута.

Посакувам успешна работа на изведувачите, на проектантите, на компанијата надзор и побрза реализација на оваа делница, со чија изведба ќе овозможиме подобар, поквалитетен живот за сите наши граѓани и поуспешна работа на компаниите од овој регион.  
Благодарам“