Јанкулоска и Остојиќ потпишаа Договор за полициска соработка и Протокол за соработка во текот на туристичката сезона

Договор за соработка меѓу македонската и хрватската полиција и Протокол за соработка меѓу министерствата на двете држави во текот на туристичката сезона, потпишаа денеска министрите за внатрешни работи на Македонија, Гордана Јанкулоска и на Хрватска, Ранко Остојиќ. 

- Ја потврдивме заложбата на двете земји за продолжување на соработката која досега ја оценуваме како одлична. Во таа насока потпишавме нов договор за полициска соработка кој практично значи континуитет на досегашната полициска соработка и ажурирање на регулативата односно на правната основа со оглед на новонастанатите сосотојби во смисла на продлабочување на заедничката соработка, истакна на прес-конференција по средбата министерката Јакулоска.

Во рамки на соработката, посочи таа, отворивме повеќе теми и повеќе прашања, посебно прашањата кои се поврзани со евроатлантските интеграции бидејќи Република Хрватска на тој пат бележи успех и нивните искуства може да бидат драгоцени за Република Македонија во периодот што следи.

Таа истакна дека разговарале за продлабочување на соработката и во областа на внатрешната контрола, за што дополнително ќе следат разговори на делегациите од Македонија и Хрватска се до финално потпишување на договори во оваа област.

- Разменивме информации околу бројот на туристи кои патуваат од Македонија во Хрватска и од Хрватска во Македонија. Можам да констатирам дека една огромна бројка граѓани од Македонија за различни потреби, најчесто за летните одмори, патуваат во Хрватска и заради тоа одлучивме да потпишеме Протокол за соработка според кој постои простор во извршувањето на определен вид задачи да се вклучат и македонските полициски службеници во оние области каде има поголема концентрација на македонски државјани во одреден период во годината во Хрватска, рече Јанкулоска.

Денешната средба, додаде Јанкулоска, е уште една потврда за нашата одлична соработка и во духот на добрата соработка направивме и стратегија за понатамошна размена на искуства вклучително и размена на оперативни информации во делот на соработката на двете полиции.

Министерот Остојиќ ја оцени денешната негова средба со министерката Јанкулоска како многу квалитетна.

- Хрватска ќе и пружи максимална помош на Македонија на подрачјето на евро-атлантските интеграции и напредокот во полициските работи, рече хрватскиот министер.

Остојиќ додаде дека интересот за соработка меѓу двете полиции е подеднаков.

- Потпишувањето на Договорот за полициска соработка е логичен след на соработката меѓу двете земји. Ќе се залагаме македонските туристи кои доаѓаат во Хрватска да се чувствуваат убаво и да бидат примени во најубавиот дел од државата, додаде Остојиќ.