Седници на Влада

Дневни редови, соопштенија и одлуки од седниците на Владата на Република Македонија.

Скопјe,

22 август 2018 година

 

Влада на Република Македонија

Генерален секретаријат на Владата на Република Македонија

Сектор за односи со јавноста

Бул. Илинден бр.2,

1000 Скопје,

Република Македонија

Тел.: +389 2 3123371;

факс: +389 2 3122375

e-mail: press@vlada.gov.mk

 

 

На денешната, 84-та редовна седница, Владата донесе одлука со која го задолжи Министерството за финансии да подготви предлог-одлука за обезбедување на 80 милиони денари од тековната буџетска резерва кои ќе бидат ставени на располагање за спроведување кампања, врз основа на одобрен план, на Собранието на Република Македонија, како овластен предлагач на референдумот. Доколку на крајот на кампањата има непотрошени средства, тие ќе бидат вратени во Буџетот на Република Македонија. 

 

Во врска со распишаниот референдум од страна на Собранието на Република Македонија, Владата на РМ одлучи да спроведе процес на планирана јавна комуникација од јавен интерес – кампања за референдумот, базирана на принципите на објективност, транспарентност и рационалност, односно, поконкретно преку процес на планирана јавна комуникација за референдумот, за да ги оствари следните комуникациски цели:

 

- Прикажување на добивките за граѓаните на Република Македонија од влезот на Македонија во Европската Унија.

 

- Прикажување на добивките за граѓаните на Република Македонија од влезот на Македонија во НАТО.

 

- Објаснување пред граѓаните на Република Македонија на конечниот договор за решавање на македонско-грчкиот спор за името и за стратешко партнерство и

 

- Повикување на граѓаните на Република Македонија на остварување на правото на гласање на референдумот и на преземање одговорност за носење важни одлуки.

 

Во спроведување на планираната јавна комуникација за референдумот, Владата на Република Македонија ќе ги користи следните комуникациски алатки:

 

- Комуникација со и преку медиумите – соопштенија за јавноста, брифинзи, изјави, прес-конференции, интервјуа и ТВ и радио гостувања;

 

- Комуникација преку социјалните медиуми – Фејсбук, Инстаграм, Твитер, Фликр и Јутуб, за кои активности Владата ќе реализира средства во износ од 400.000 денари од редовниот буџет на Генералниот секретаријат на Владата, а останатите комуникациски алатки ќе се реализираат во рамки на редовните владини активности;

 

- Активности од јавен карактер – теренски посети, неформални средби, состаноци, гостувања и учество на јавни настани.

 

Во спроведување на процесот на планирана јавна комуникација за референдумот, Владата на Република Македонија ќе работи транспарентно и отчетно, согласно стандарди за јавни комуникации од интерес на јавноста – релевантност, објективнoст, пропорционалност и рационалност.

 

На истата седница, Владата на Република Македонија ја разгледа и усвои Информацијата во однос на продолжување на изградбата на Магистрален гасовод Делница 5 Скопје-Тетово-Гостивар кај потегот на Водно, и го задолжи Министерството за животна средина и просторно планирање да подготви и во рок од 30 дена до Владата да достави предлози на закони за прогласување на парк шумите Водно, Матка и Гази Баба за заштитени подрачја.

 

Како дел од заклучоците за оваа точка, Владата му препорачува на Град Скопје, во соработка со надлежните институции, во рок од 30 дена да изготви проект за зелени појаси на реките Лепенец и Серава, а Министерството за животна средина и просторно планирање да го помогне Град Скопје во реализација на проектите за зелени појаси на реките Лепенец и Серава и за рекултивација и пошумување согласно предлозите од граѓанските здруженија.

 

Со оваа одлука му се укажува на МЕР АД Скопје да продолжи со изградбата на Магистрален гасовод Делница 5 Скопје-Тетово-Гостивар кај потегот на Водно согласно новите мерки и измени, и да склучи договор за регулирање на односите за оштетени зелени површини со Град Скопје како договорна страна.

 

На денешната седница Владата на Република Македонија го прифати предлогот на Министерот за внатрешни работи Сашо Тасевски да биде именуван за нов директор на Бирото за јавна безбедност во Министерството за внатрешни работи.

 

На денешната седница Владата донесе одлука досегашниот директор на Македонски пошти Фадис Реџепи, да биде разрешен од оваа должност заради завршување на неговиот мандат, и за нов директор да биде именуван Ејуп Рустеми.

 

 

Министерството за транспорт и врски на денешната седница предложи, а Владата на Република Македонија ја разгледа и усвои Информацијата во врска со постапката за доделување финансиската поддршка за поттикнување и развој на воздушниот сообраќај во Република Македонија на домашни и странски превозници, односно за така-наречените евтини летови.

 

Со оваа одлука на Владата на РМ, се задолжува Министерството за транспорт и врски да отпочне постапка за доделување на финансиска поддршка за поттикнување и развој на воздушниот сообраќај во Република Македонија на домашни и странски превозници, наредниот ден од денот на влегувањето во сила на Уредбата  за начинот, поблиските критериуми за доделување на финансиска поддршка на домашни и странски авиопревозници и потребната документација која треба да се достави од корисниците на финансиската поддршка, согласно Програмата за определување средства потребни за доделување финансиска поддршка за поттикнување и развој на воздушниот сообраќај во Република Македонија на домашни и странски превозници за периодот од 2019-2021 година.

 

На денешната владина седница е разгледана и усвоена Информацијата за склучување на Спогодба за утврдување на вредноста на бодот за најниската плата за најнизок степен на сложеност и за начинот на пресметување и исплата на платите во здравствената дејност, и ќе изнесува 13.286,00 денари.

 

Со оваа корекција, вредноста на бодот во здравството се зголемува за 5 отсто, а пресметувањето на најниската плата утврдена во ставот 1 на овој член ќе отпочне да се применува со исплатата за месец септември 2018 година, и согласно колективниот договор нема да изнесува помалку од 15.770,00 денари.

 

На денешната седница, Владата на Република Македонија ја разгледа и усвои Информацијата во врска со донесување на Решение за формирање на Комисија за спроведување на постапката за избор на универзален снабдувач, и го донесе Решението за формирање на Комисија за спроведување на постапка за избор на универзален снабдувач, која треба да ја спроведе на постапка за избор на универзален снабдувач да го достави Јавниот повик и Тендерската документација до Владата на Република Македонија на усвојување, најдоцна до 3 септември 2018 година.

 

Владата денеска ја разгледа и ја усвои Информацијата за  потпишување Договор меѓу Генералниот секретар на Обединетите нации и Владата на Република Македонија: Обврска да се елиминира сексуалната експлоатација и злоупотреба, и го задолжи министерот за надворешни работи, г-дин  Никола Димитров,  во име на Владата на Република Македонија, да го потпише Договорот меѓу Генералниот секретар на Обединетите нации и Владата на Република Македонија: Обврска да се елиминира сексуалната експлоатација и злоупотреба.

 

Министрите во Владата на РМ денеска го разгледаа и усвоија Извештајот за извршени преговори со усогласен текст на Договор меѓу страните на Конвенцијата за полициска соработка во Југоисточна Европа за автоматизирана размена на ДНК податоци, дактилоскопски податоци и податоци за регистрација на возила и усогласен текст на Имплементацискиот договор на Договорот меѓу страните на Конвенцијата за полициска соработка во Југоисточна Европа за автоматизирана размена на ДНК податоци, дактилоскопски податоци и податоци за регистрација на возила и Меморандумот за разбирање за автоматизирана размена на ДНК податоци, дактилоскопски податоци и податоци за регистрација на возила.

 

На оваа своја 84-та седница Владата на Република Македонија го разгледа и усвои Извештајот за извршени преговори со усогласен текст на Договорот меѓу Владата на Република Македонија и Владата на Република Косово за реципрочно признавање на возачки дозволи, и го определи Оливер Спасовски, министер за внатрешни работи, во име на Владата на Република Македонија, да го потпише Договорот меѓу Владата на Република Македонија и Владата на Република Косово за реципрочно признавање на возачки дозволи.

На денешната седница Владата на Република Македонија го разгледа извештајот за текот на имплементација на Планот за гаранција за млади - пилот фаза за 2018 година.

 

Во досегашниот период на имплементација на младинската гаранција во 3 општини, почнувајќи од Март, 2018, остварени се следните резултати: Вкупен број на вклучени млади: 1.770, од нив 855 женски и 915 машки.

 

Од нив веќе се вработени 518, а останатите се вклучени во други мерки како практиканство, обука на работно место, обуки за побарувани занимања на пазарот на труд, обуки за напредни ИТ вештини.

 

Република Македонија е единствената земја во регионот, која не е членка на Европската Унија, а започна со имплементирање на програмата „Гаранција за млади“, како мерка за зголемување на вработливоста на младите луѓе; Во земјите членки на ЕУ оваа програма успешно се имплементира од 2012 година. Партнер во имплементацијата е Националниот младински совет .

Министрите на седницата ги прифатија предлог – измените на Програмата за финансиска поддршка во земјоделство за 2018 -та година. Со овие измени, по 2 денари субвенција за килограм, ќе добијат регистрираните откупувачи и трговците кои до 15 септември годинава ќе откупат индустриски сливи за најмалку пет денари или свежи сливи по минимум осум денари.

 

Владата исто така, ги разгледа и ги прифати извештајот за преземени мерки и активности за 2017-та година, како и оперативниот план за 2018-та година за спроведување на Националната стратегија за стари лица 2010-2020 година.

 

Владата го задолжи Национално Координативно тело за следење и евалуација на имплементацијата на Националната стратегија за стари лица 2010-2020 година, да обезбедува механизми за координација на регулирањето и практикувањето на политиките кои што директно или индиректно ги засегаат старите лица, со цел поедноставување на акциите и мерките во одделни сектори и на одделни нивоа.

 

На денешната 83-та седница Владата донесе одлука за започнување на постапка за избор на универзален снабдувач со електрична енергија. Канцеларијата на Претседателот на Владата, Кабинетот на Заменик Претседателот на Владата задолжен за економски прашања и за координација со економските ресори и Министерството за економија се задолжени да номинираат по еден член и заменик член во Комисијата за спроведување на постапката за избор на универзален снабдувач.

 

Исто така, Владата им укажа на Регулаторната комисија за енергетика и на МАНУ, да номинираат по еден член и заменик член во Комисијата за спроведување на постапката во рок од 3 дена од денот на донесување на одлуката.

 

Согласно денешната одлука, Комисијата е должна во рок од 14 дена, до Владата на Република Македонија на усвојување да го достави јавниот повик и тендерската документација

 

Заради остварувањето на правото на сите домаќинства и мали потрошувачи да се снабдуваат со електрична енергија со утврден квалитет по разумни, јасно споредливи, транспарентни и недискриминаторни цени, Владата на Република Македонија избира универзален снабдувач кој истовремено ќе ја врши и дејноста снабдување во краен случај. Целта на оваа постапка е остварувањето на правото на домаќинствата и малите потрошувачи на универзална услуга во снабдувањето со електрична енергија, односно да бидат снабдувани од универзалниот снабдувач во согласност со обврските утврдени со Законот за енергетика и правилата за снабдување.

 

На предлог на Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, Владата на седницата донесе одлука да го разреши Лазо Велковски од позицијата директор на Бирото за јавна безбедност.

Како материјал за информирање, министрите го разгледаа извештајот на независниот ревизор за извршена ревизија на работењето на Ревизорското тело за ревизија на инструментот за претпристапна помош за периодот од 1 јануари до 31 декември 2017 -та година. Според извештајот на независниот ревизор, финансиските извештаи, во сите материјални аспекти, реално и објективно ја прикажуваат финансиската состојба на ревизорско тело за ревизија на инструментот за претпристапна помош.

 

На редовната 83-та седница Владата на Република Македонија донесе и одлука да  спроведе кампања од јавен интерес за референдумот.

Исто така, Владата ги задолжи сите министерства и другите органи на државната управа, во рок од 3 дена до Министерството за финансии да достават информација за средствата коишто ги имаат на располагање, а кои би можеле да се пренаменат за кампањата за референдумот.

На денешната седница Владата на Република Македонија ги разгледа информациите за склучување на Договор за доделување на финансиска поддршка според Законот за финансиска поддршка на инвестиции со повеќе од 100 компании во Република Македонија, согласно кој за прв пат за оваа финансиска поддршка можеа да аплицираат и домашните компании.

 

Со договорите  за доделување на финансиска поддршка кои се одобрени на денешната седница на владата, се исполнува првата фаза, по што ќе следуваат наредните кога компаниите ќе мора да ја докажат реализацијата на инвестициите, по што ќе следува исплатата на одобрените средства до крајот на оваа година.

 

Како дополнителна одлука, владата го донесе заклучокот дека компаниите кои се стекнале со право за финансиска поддршка, треба да достават потпишана изјава за конфликт на интереси како дел од документацијата опфатена со договорот.

 

Владата денеска ја разгледа и усвои информацијата за одбележување на годишнината на потпишувањето на Охридскиот рамковен договор. Истовремено го задолжи Секретаријатот за европски прашања да дефинира програма и технички детали за спроведување на програмата како и да ги превземе сите други активности за организација и одбележување на овој настан.

 

Владата на Република Македонија ја разгледа и ја усвои Информацијата за состојбата со правичната застапеност на вработените во Управата за јавни приходи (УЈП) на РМ, и ја задолжи УЈП  да изготви План за подобрување на состојбата на правичната застапеност на вработените во УЈП преку превземање на одреден број на вработени од Секретаријатот за спроведување на Рамковниот Договор согласно квалификациите и согласно донесената одлука на Влада на Р.М, како и да изготви  акционен план за да се спроведе подобрување на правичната застапеност на вработените.

 

На денешната седница на Владата на Република Македонија е усвоена усогласената листа на предлог проекти за финансирање со кинеска грант помош во рамки на потпишаните Договори за економска и техничка соработка помеѓу Владата на Република Македонија и Владата на Народна Република Кина составена од предлог проектите „Зајакнување на капацитетите на службите за здравствена и социјална заштита во Република Македонија”, како заеднички предлог од Министерството за здравство и Министерството за труд и социјална политика и „Подобрување на квалитетот на научно истражување на академскиот кадар и унапредување на образованието во областа на молекуларната биологија како резултат на донација на опрема за Лабораторијата за молекуларна биологија”, како предлог од Лабораторијата за молекуларна биологија на Природно – математичкиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.

 

Владата го утврди Предлогот на Закон за гаранција на Република Македонија на обврските по Финансискиот договор, наменет за финансирање на мали и средни претпријатија и други приоритетни проекти – V фаза, кој ќе се склучи меѓу Европската инвестициона банка и Македонската банка за поддршка на развојот, со одлука да го поднесе до Собранието на Република Македонија.

 

На денешната седница Владата да го утврди и Предлог на Закон за задолжување на Република Македонија со заем кај Меѓународната банка за обнова и развој - Светска банка со Договорот за заем за финансирање на Проектот за унапредување на социјалните услуги и донесе одлука предлог законот да биде поднесен до Собранието на Република Македонија.

 

На предлог на Министерството за здравство Владата денеска ја разгледа Информацијата за потребни вработувања и за обезбедување финансиски средства за тие вработувања во ЈУ Здравствен дом Скопје.

 

На оваа 82 седница владата го усвои Предлогот на Закон за материјално обезбедување на невработените лица поради приватизацијата на претпријатијата со доминантна сопственост на државата  за да се овозможи правото на материјално обезбедување да се оствари без разлика дали работниот однос склучен по користењето на паричниот надоместок по основ на невработеност, бил на определено или неопределено време и дали престанал е по волја и вина на работникот. На овој начин ќе се овозможи материјално да бидат обезбедени дополнителни 1600 невработени лица. 

 

Владата денеска го усвои Предлог - закон за гаранција на Република Македонија на обврските по Договорот за заем за финансирање на патната делница Крива Паланка – Деве Баир (граница со Бугарија), кој ќе се склучи меѓу Европската банка за обнова и развој и ЈП за државни патишта, за да се обезбеди натамошна реализација на овој проект во должина од 13 километри.

 

На седницата одржана денеска, Владата на Република Македонија ја разгледа и усвои Информацијата за склучување Програма за соработка во областа на културата меѓу Министерството за култура на Република Македонија и Министерството за култура на Република Бугарија за периодот 2018 - 2021 година, и го овласти министерот за култура, г. Асаф Адеми, да ја потпише Програмата за соработка во областа на културата меѓу Министерството за култура на Република Македонија и Министерството за култура на Република Бугарија за периодот 2018 – 2021 година.

 

Владата на Република Македонија ја разгледа и усвои Информација за времена комунална депонија во Општина Кичево, и го задолжи АД ЕЛЕМ да обезбеди место за времено складирање на комунален отпад на некоја од локациите на ископите на ТЕЦ Осломеј Кичево, кои тоа го овозможуваат.

Владата на Република Македонија денеска ја одржа својата редовна 81 седница со повеќе точки на дневен ред кои се од интерес на Република Македонија и граѓаните.

Како приоритетни мерки, Владата на Република Македонија на денешната седница донесе одлука да испрати финансиска помош во висина од шест милиони денари до Владата на Република Грција за справување со катастрофалните пожари што овие денови ја зафатија пошироката околина на главниот град Атина. Дополнително, Владата донесе одлука да формира координативно тело кое на дневно ниво ќе ја следи состојбата и ќе координира соодветна хуманитарна помош, што ќе се договори како потреба со надлежните институции во Грција и со градот Атина.

Владата денеска донесе одлука за финансиска помош во иста висина, од шест милиони денари, да биде испратена и до Владата на Јапонија за поддршка во справувањето со последиците од поплавите што неодамна ја погоди оваа земја.

На денешната седница Владата на РМ ги задолжи Министерството за образование и наука, Министерството за труд и социјална политика, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Кабинетот на Заменикот на претседателот на ВРМ задолжен за економски прашања и Министерство за економија, да ги достават до Секретаријатот за европски прашања првите верзии на акциските документи за спроведување на ИПА 2019 Програмата, најдоцна до крајот на септември 2018 година.

Владата на својата седница денеска ја разгледа и информацијата за листата на државни проекти за претстојните повици за Техничка помош и инфраструктурни грантови преку инструментот Инвестициска рамка за Западен Балкан која обединува финансиски средства од повеќе фондови. 

Владата денеска ја разгледа и ја усвои и измената на Предлог-програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2018, заедно со Предлог-уредбата за поблиските критериуми за директни плаќања. Со оваа програма и со новата уредба, кои се предложени заради воведување на нова подмерка - Директни плаќања за откупена пченица од род 2018 од домашно производство, се очекува остварување на договорениот откуп на произведената пченица од род 2018 година и ќе се подобри конкурентноста на домашната мелничка индустрија. 

Владата на Република Македонија ја усвои Информацијата во врска со можните решенија за транспонирање на Регулативата 347/2013 за трансевропска енергетска инфраструктура, и го задолжи  Министерството за транспорт и врски веднаш по усвојувањето на оваа информација да формира работна група со претставници од Кабинетот на заменик претседателот на Владата на Република Македонија, Министерството за транспорт и врски, Министерството за економија, Министерството за финансии и Министерството за животна средина и просторно планирање, која треба да изготви предлог текст на Законот за енергетски инвестициски проекти од стратешки интерес на Република Македонија.

Владата на Република Македонија ја разгледа и усвои Информацијата за вториот Извештај на ГРЕКО за усогласеност на Република Македонија - четврт круг на евалуација - на тема: Превенција на корупцијата кај членовите на Собранието, судиите и јавните обвинители за периодот 2013-2015 година, и го задолжи Шефот на Делегацијата на Република Македонија во ГРЕКО да подготви Акционен план за имплементација на преостанатите препораки од четвртиот круг на евалуација и истиот да го достави до Министерството за правда во рок од 10 дена од усвојувањето на оваа Информација.

Истовремено, Владата на РМ го задолжи Генералниот секретаријат на Владата на Република Македонија да формира Работна група предводена од Шефот на Делегацијата на Република Македонија во ГРЕКО која ќе подготви  Насоки за имплементација на одредбите од „Етичкиот кодекс на членовите на Владата на Република и носителите на јавни функции именувани од Владата на Република Македонија“ согласно барањата од петтиот круг на евалуација на ГРЕКО до 20 септември 2018 година. Владата ги задолжи и Министерството за внатрешни работи и Министерството за информатичко општество и администрација да подготват Насоки за имплементација на одредбите од етичките кодекси кои се во надлежност на овие институции (Кодекс на полициска етика, Кодекс за административни службеници) до 20 септември 2018 година.

На денешната седница е разгледана и усвоена „Информацијата за Национален план за управување со квалитет во јавниот сектор во Република Македонија за периодот 2018-2020 година“. 

Имплементацијата на Националниот план за управување со квалитет во јавниот сектор во Република Македонија за периодот 2018-2020 година ќе изврши големо позитивно влијание врз целокупниот систем на јавна управа и ќе придонесе кон постигнувањето на модерна, ефикасна и професионална администрација и подобри услуги за граѓаните. 

Ваквите иницијативи и модерни практики во примената на меѓународните стандарди за квалитет во управувањето се очекува во иднина да бидат интегрирани во сите владини политики и да станат императив во сите јавни институции.  

Владата ja разгледа и усвои Информацијата за склучување Анекс за изменување и дополнување на  Поединечниот колективен договор за плата, други права по основ на плата и надоместоци на плата, заради зголемување на коефициентите за додаток на плата за работа ноќе и дежурства на  вработените во Јавната установа од областа на здравството за потребите на јавните здравствени установи, универзитетски клиники, Завод и ургентен центар – Скопје.

Предложениот Анекс е во смисла дека примената на Колективниот договор ќе започне од наредниот месец од денот на потпишувањето на Анексот), а Јавната установа средствата ќе ги обезбеди во рамки на сопствениот буџет.

На денешната седница е разгледана и усвоена Предлог-одлуката за прераспределба на средства помеѓу буџетските корисници на централната власт и помеѓу фондовите. Целта на оваа Предлог-одлука е прераспределба на средства помеѓу буџетски корисници за да се обезбедат средства за спроведување на референдум на државно ниво во 2018 година, откако одлуката за референдум ќе биде донесена.

Владата на Република Македонија денеска на својата редовна 81 седница ja усвои Информацијата на Работната група задолжена за испитување на можноста за воведување на алтернативни горива во индустриските капацитети (постројки) во Република Македонија со посебен акцент на РДФ горива, односно горива што се добиваат од отпадот. На седницата е усвоен заклучок Работната група да подготви текст на Меморандум за соработка помеѓу Владата на Република Македонија, компаниите кои се дел од индустрискиот сектор и институции кои позитивно одговориле на барањето за соработка во областа на воведување на РДФ/СРФ гориво во термоенергетските објекти во Република Македонија, и да го достави предлог-текстот на Меморандумот до 15.09.2018 година.
 

Владата на редовната 80-та седница го прифати Предлог-законот за изменување на Изборниот законик, по скратена постапка. Со предлог-законот ќе се овозможи избор на Државната изборна комисија и ќе се надминат објективните слабости во праксата.

Измените се однесуваат на неколку ставови од членот 27. Во него, целосно се брише ставот 3 кој гласи: „Комисијата за прашања на изборите и именувањата на Собранието подготвува предлог на листа од пријавените кандидати и ја доставува до Собранието“

Во ставот 4, кој гласи: „Од кандидатите на предлогот на листата, политичките партии во опозиција предлагаат претседател и двајца членови на Државната изборна комисија, a партиите на власт предлагаат потпретседател и тројца членови на Државната изборна комисија“, се бришат зборовите „на предлогот на листата“. 

Во ставот 5, кој гласи: „Претседателот, потпретседателот и членовите на Државната изборна комисија ги избира Собранието со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници“, се брише зборот „двотретинско“.

Овој закон влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија".

Министрите на седницата ја разгледаа и ја усвоија информацијата за активностите за редефинирање на начинот и утврдување на критериумиите за наменските и блок дотации за општините. Притоа, Владата го задолжи Министерството за локална самоуправа до крајот на декември 2018-та година да достави предлог за редефинирање на начинот и утврдување на критериумиите за наменските и блок дотации за општините.

На 80-тата седница, Владата ја прифати и информацијата со предлог текст на Меморандум помеѓу министерството за транспорт и врски на Република Македонија и министерството за градежништво, сообраќај и инфраструктура на Република Србија за размена на искуства во областа на е-просторот. Меморандумот предвидува соработка и размена на искуство во областа за организирање и имплементација на системот е-простор во Република Србија, по моделот кој е имплементиран во Република Македонија.

На предлог на министерството за труд и социјална политика, Владата ја разгледа и ја прифати предлог-уредбата за методологијата за утврдување на критериумите за распределба на блок дотации за јавните установи за деца - детски градинки по општини за 2019-та година. 

Како материјал за информирање Владата на седницата го разгледа конечниот извештај за извршена ревизија на финансиски извештаи и ревизија на усогласеност за 2016 година на Министерството за правда. Истовремено, Владата му препорача на Државниот завод за ревизија да постапи по службена должност по наодите од истиот. Во исто време Владата го задолжи министерството за правда да подготви Акциски план со точно дефинирани рокови и носители за имплементација на дадените препораки од Конечниот извештај на Државниот завод за ревизија за извршената ревизија на регуларност за 2016 година во функција на надминување на утврдените состојби и истиот во рок од 30 дена да го достави до Владата на Република Македонија и до Државниот завод за ревизија. Исто така, според наодите во  извештајот на Државниот завод за ревизија, Владата ги задолжи сите министерства и други органи на државна управа, во сите случаи каде што има основа за сомневање, во исправноста во постапката при изградбата на објектите за кои се тие инвеститори, да покренат постапка за одземање на лиценцата на изведувачите за тој објект (проектанти, ревиденти, надзор, изведувач и др.)

На денешната седница, беше усвоена информацијата за повеќегодишна набавка на инсулин, глукагон, инсулински игли, ленти за мерење шеќер и инсулински пумпи со потрошен материјал за периодот септември 2018 - септември 2020 за потребите на населението на Република Македонија. За спроведување на набавката е задолжено Министерството за здравство.

Министрите, на 80-тата седница ја разгледаа и ја прифатија информацијата за исполнетоста на условите (простор, опрема и кадар) на Друштвотo за производство, трговија, транспорт и услуги Ф&М 2017 ДОО Експорт - Импорт, во село Врапчиште, Гостивар за вршење на дејност одгледување на канабис за медицински цели, со предлог-одлука. 

Од областа на здравството, Владата ја прифати и информацијата за започнување на подготвителни работи и претходна анализа за можноста за формирање Регионален проект за фракционирање на крвна плазма и безбедност во снабдувањето со крв. Подготвителните активности за овој проект е задолжено да ги започне Министерството за здравство. 

На денешната, редовна седница Владата го именуваше Стојанче Ангелов, за Национален координатор за прашања поврзани со здружението на бранители. 

Владата на Република Македонија денеска ја одржа својата редовна 79, тематска седница со единствена точка на дневен ред - Информација за концептот и структурата на преговори за пристапување на Република Македонија во Европската Унија.

На седницата, во насока на обезбедување на соодветна подготовка и координација на пристапните преговори за членство во Европската Унија, Владата го назначи д-р Бујар Османи, заменик на претседателот на Владата задолжен за европски прашања за главен политички преговарач и шеф на Делегацијата за преговори со Европската Унија.

За заменик на главниот политички преговарач, како главен технички преговарач и шеф на техничкиот преговарачки тим, Владата го назначи м-р Бојан Маричиќ, посебен советник за евро-атлантски интеграции во Канцеларијата на претседателот на Владата.  

Како трет заклучок од оваа седница, Владата го задолжи Секретаријатот за европски прашања во координација со Канцеларијата на претседателот на Владата и Министерството за надворешни работи, а по претходна консултација со сите засегнати страни, да подготви Информација со предлог на концепт за преговарачка структура и соодветни акти до крајот на месец јули 2018 година и истите да ги достави за усвојување до Владата.

На оваа 79-та седница на која се усвоени овие заклучоци, и на која присуствуваше и еврокомесарот за соседска политика и проширување на Европската Унија Јоханес Хан, придружуван од амбасадорот на ЕУ во нашата земја Самуел Жбогар, претходеше обраќање на премирот Зоран Заев, кој истакна дека само три недели после објавената голема вест дека Република Македонија доби датум за почеток на преговори со Европската Унија, на оваа седница на Владата на Република Македонија, ги утврдува концептот и структурата на преговорите за пристапување кон полноправно членство на нашата земја во ЕУ, и со тоа го означувае стартот на скрининг процесот.

„Нашата земја го заслужи тоа. Лидерите на Европската Унија рекоа: Да, земјата го заслужува тоа! Европскиот Совет прифати дека Република Македонија од заробена држава, киднапирана од авторитарен режим, за само една година направи пресврт.
За само една година Република Македонија е земја на позитивни промени, на динамичен процес на реформи, на инклузивност и општествен дијалог. Со политичка волја за решавање на споровите со соседите, и јасно изразена визија за европска иднина. Патот на реформи и градењето на нашата земја како држава по европски правила, е неповратен процес на кој Европската Унија му даде силен импулс со датумот за преговори за Република Македонија“, истакна премиерот Заев на владината седница.

Претседателот на Владата на РМ Заев, додаде дека во претстојниот период останува да покажеме напредок во однос на институционалната демократија, политичка стабилност и доброто владеење – со услови за независно судство, за слободата на изразување, за ефективна влада и јавна администрација, и со јасна определба за борба против корупцијата, кои, истовремено, ќе бидат големи придобивки за сите наши граѓани. 

„Сите носат подеднаква одговорност во периодот пред нас. Се разбира како приоритет на оваа Влада, во име на националните интереси на државата и на нејзините граѓани, најголема е одговорноста на Владата, но еднаква одговорност треба да прифатат и пратениците во Собранието, вработените во судството, пратиите и лидерите на опозицијата, академската и бизнис заедницата, граѓанското општество и медиумите. Отсега натаму, секој придонес е битен и суштински. Оваа генерација македонски граѓани одлучи да решава предизвици. За себе, за идните генерации, заради иднината“, нагласи премиерот Заев.

Премиерот Заев потенцираше дека граѓаните на Република Македонија, во духот на европската демократска традиција, кога станува збор големи национални одлуки - на референдум ќе се изјаснат за договорот со Република Грција и за иднината на нашата земја.

„Европски е да му дадеме шанса на решението за нашата иднина. Без ниту еден грам сомнеж да бидеме сигурни: Со полн и меѓународно признаен македонски национален идентитет, заштитен и зајакнат, еднаш засекогаш, ја внесуваме нашата земја во семејството на стабилни и развојни земји“, нагласи Претседателот на Владата на РМ Зоран Заев, на седницата на која е означен стартот на скринингот, и на која се избрани главниот политички преговарач и шеф за преговори со ЕУ, д-р Бујар Османи, и неговиот заменик и шеф на техничкиот преговарачки тим, м-р Бојан Маричиќ.

На оваа седница пред членовите на Владата на РМ се обрати и еврокомесарот Хан кој истакна дека ова е уште еден важен ден во низата успешни совладани одредници на Република Македонија, кои доаѓаат како резултат на силната посветеност за успех на реформите и на лидерството и одлучноста во процесот на пристапување на земјата во челнството во Европската Унија.

На седницата со свои обраќања учествуваа и Заменик Претседателот на Владата д-р Бујар Османи, и отсега натаму и главен политички преговарач и шеф на Делегацијата за преговори со Европската Унија, како и министерот за надворешни работи Никола Димитров.

Владата на Република Македонија на 78-мата седница, донесе одлука да го измени заклучокот од претходната, 77-ма седница и согласно новиот заклучок ја задолжи компанијата „11 Октомври – Еурокомпозит АД Прилеп“ да достави барање за позајмица од вкупно 11 милиони денари  (6 милиони денари од АД ЕЛЕМ - Скопје и 5 милиони денари од АД МЕПСО - Скопје). Со оваа измена, на вработените во оваа компанија наместо по една, ќе им бидат исплатени по две плати. 

На денешната седница министрите ја разгледаа информацијата за спроведена постапка по објавен оглас за избор на Национален координатор за трансплантација на Република Македонија и го прифатија предлог – решението д-р Маја Мојсова Мијовска да биде национален координатор за трансплантација. д-р Мијовска од 2013-тата е назначена за болнички координатор за трансплантација, а од декември 2017-та година e поставена за раководител на Одделот за анестезија, реанимација и интензивно лекување при Клиниката за ТОАРИЛУЦ. Мандатот на д-р Маја Мојсова Мијовска како национален координатор за трансплантација е 4 години. 

Владата на седницата ја прифати информацијата предложена од министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, за потпишување на спогодба помеѓу македонското и министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство на Република Србија, за фитосанитарна соработка. Целта на оваа спогодба е да ја поттикне заедничката соработка во областа на фитосанитарната политика, да ги заштити териториите на Македонија и на Србија од внесување и ширење на карантински штетни организми и да се ограничи внесувањето на регулирани некарантински штетни организми, преку увезените пратки. Спогодбата треба да придонесе и за минимизирање на фитосанитарниот ризик, како и да обезбеди подобрување на меѓународната трговија. 

На 78-мата седница беше разгледана и прифатена и информацијата во врска со потпишувањето на меморандум за разбирање во енергетскиот сектор помеѓу министерството за економија на Република Македонија и министерството за енергетика и рударство на Република Косово. Меморандумот предвидува да се формира мешовит оперативен тим на експерти од двете министерства и претставници од нивните национални компании и надлежни органи, за помош и консултации за натамошните чекори за имплементација на договорените области на соработка. 

Приоритетни области за соработка со Косово се секторот за електрична енергија, јаглен, природен гас, обновливи извори на енергија, енергетска ефикасност, сигурност во снабдувањето со енергија, како и подготовка на инфраструктурни проекти за интерконективно поврзување и други проектни иницијативи.

Како материјал за информирање Владата го разгледа извештајот за реализација на оперативниот план на активностите за имплементација на Националната стратегија за изедначување на правата на лицата со инвалидност за 2017-та година.

Во извештајот, меѓу другото, е наведено дека министерството за труд и социјална политика, ќе продолжи да развива мрежа на дневни центри и други социјални сервисни служби за поддршка на децата и возрасните лица со попреченост и нивните семејства во местото на живеење. Досега се изградени 30 дневни центри за различни видови на попреченост, а таму дневно престојуваат околу 440 корисници. 

Министрите на денешната седница го разгледаа и годишниот извештај за работењето на Фондот за здравствено осигурување на Македонија за 2017-тата година. 

Во него е посочено дека вкупниот број на осигуреници на крајот на 2017-та година изнесувал 1.872.466, што претставува опфатеност на населението од 90.3% во однос на вкупниот број жители на Македонија.  

Бројот на лицата осигурени преку програмата на Министерството за здравство, односно оние што не се осигурени по ниту еден друг основ, изнесува 246.611 и е зголемен во споредба со 2016-та година за околу 1,7 илјади лица. Зголемувањето се должи на фактот што почнувајќи од 2015-та година, лицата со ниски примања повеќе немаат обврска за пререгистрација.

На предлог на министерството за економија на седницата, Владата ја разгледа информацијата во врска со донесување на програма за изменување на програмата за конкурентност, иновации и претприемништво за 2018-та година, со предлог – програма. Станува збор за пренамена на средства за реализација на алинејата 2 од програмата, односно поддршка на консултантски услуги за решавање на „тесни грла“ во производниот процес, како и за подготовка на апликации, проекти врзани со развојот на малите и средни претпријатија или економски развој.

На редовната, 78-ма седница Владата на Република Македонија, на негово барање го разреши Арменд Шаќири, од должноста директор на КПУ Казнено поправен дом од отворен вид Струга.

 
 

На денешната седница, Владата ја разгледа информацијата за состојбата со 11 Октомври - Еурокомпозит од Прилеп. При тоа, Владата ја задолжи компанијата да побара позајмица од компаниите во државна сопственост од ЕЛЕМ и од МЕПСО од по 3 милиони денари или вкупно 6 милиони денари. Во исто време, Владата им препорача на двете претпријатија да го обезбедат побаруваниот заем.

Половина од средствата (3 милиони денари), се наменети за линеарна исплата на примања за вработените. Околу 30% од средствата ќе бидат наменети за набавка на репроматеријали и на други потребни средства на компанијата. Остатокот од парите ќе се насочат за тековно одржување на 11 Октомври - Еурокомпозит, од Прилеп.

На денешната седница, Владата исто така го задолжи Заменик на претседателот на Владата, задолжен за економски прашања и за координација со економските ресори, Кочо Анѓушев, во согласност со позитивните законски прописи, во најскоро можно време да најде конечно решение за компанијата 11 Октомври - Еурокомпозит од Прилеп.

Министрите го прифатија предлог-законот за изменување на законот за додадена вредност. Измените предвидуваат пролонгирање на рокот на примена на повластената стапка од 5%, на првиот промет на станбените згради и на становите кои се користат за станбени цели, а кој ќе се изврши во рок до 5 години по изградбата. Со предлог-законот рокот се продолжува за уште 5 години односно од почетокот на следната година до крајот на 2023-рата.  

Владата на седницата ја разгледа и ја прифати информацијата за предлог-договорот за доделување на државна помош на друштво за производство и трговија ТЕЛАМОН ЕВРОПА МАКЕДОНИЈА ДООЕЛ Скопје. Владата ја овласти Зорица Апостолска, министер без ресор задолжена за привлекување странски инвестиции, да го потпише предложениот договор за доделување на државна помош на Друштвото за производство и трговија ТЕЛАМОН ЕВРОПА ДООЕЛ Скопје. Договорот ќе биде потпишан на 13 овој месец.  

Со предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за минимална плата во Република Македонија, за кој министрите се согласија дека треба да се донесе по скратена постапка, се уредува финансиска поддршка за раст на платите во повисок износ од минималната плата. Целта е да се поттикнат работодавачите да исплаќаат плати на работниците во повисок износ од минималната плата утврдена со овој закон, за подобрување на економскиот стандард и поттикнување на економскиот раст и развој во Република Македонија. Со предложените измени и дополнувања на Законот за исплата на минимална плата во Република Македонија ќе се поттикне спиралата за покачување на платите.

На 77-мата седница на Владата министрите го прифатија предлог-законот за изменување и дополнување на законот за заштита на децата. Предложените измени и дополнувања на овој закон се во насока на подобрување на финансиската состојба на корисниците на право на посебен додаток за дете со специфични потреби кое има пречки во телесниот или менталниот развој или комбинирани пречки во развојот до 26 години живот, како и овозможување на деца за кои се користи право на посебен додаток да бидат здравствено осигурени, доколку не се осигурени согласно закон.

Предложените измени и дополнувања на законот за заштита на децата ги содржи следниве решенија:

- износот на утврдената висина на правото на посебен додаток со законот за заштита на децата да се зголеми од 4.202 денари на 5.021 денари;

- на зголемените износи (за самохран родител кој има дете со специфични потреби кое има пречки во телесниот или менталниот развој или комбинирани пречки во развојот до 26 години) да се зголеми  од 6.303 денари на 7.351 денари; - за материјално необезбедени родители, кои се корисници на социјална парична помош и постојана парична помош кои имаат дете со специфични потреби кое има пречки во телесниот или менталниот развој или комбинирани пречки во развојот до 26 години живот да се зголеми од 5.252,50 денари на 6.276 денари.

На предлог на Министерството за труд и социјална политика, Владата ја разгледа и ја прифати информацијата за изградба на дневен центар за деца со аутизам. При тоа Владата го задолжи ресорното министерство во рок од 30 дена да ја отпочне потребната постапка за вадење на градежна дозволи. За најдоцна 6 месеци Министерството за труд и социјална политика треба да ја информира Владата за целосната реализација на проектот.

Владата на редовната седница, како материјал за информирање, го разгледа конечниот извештај на овластениот државен ревизор за извршена ревизија на финансиските извештаи и ревизија на усогласеност за 2016 година на Министерството за култура. Притоа констатираше дека истиот од страна на Државниот завод за ревизија е доставен до Основното јавно обвинителство. Истовремено, Владата го задолжи Министерството за култура да пристапи кон изготвување на Акциски план со точно дефинирани рокови и носители за имплементација на дадените препораки од Конечниот извештај на Државниот завод за ревизија за извршената ревизија на регуларност за 2016 година во функција на надминување на утврдените состојби, и истиот во рок од 30 дена да го достави до Владата на Република Македонија и до Државниот завод за ревизија.

На 77-мата седница, министрите ги прифатија предлог-програмите за изменување на програмите за финансиска поддршка во земјоделството, во рибарството и аквакултурата и за поддршка на руралниот развој - сите за тековната, 2018-та година.

Владата на денешната седница ја прифати информацијата за давање на согласност за распишување на Јавен оглас за давање во закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост за површини над 3 хектари по пат на електронско јавно наддавање. Исто така Владата ја донесе Одлуката за давање на ваквата согласност, а во исто време го донесе и решението за формирање на Комисија за давање во закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост за површини над 3 хектари.

На денешната седница Владата ќе расправа за Предлог-законот за изменување на законот за данокот на додадена вредност, како и за Предлог-законот за изменување и дополнување на законот за Академијата за судии и јавни обвинители.

На предлог на Министерството за труд и социјална политика, министрите на седницата ќе го разгледаат Предлог-законот за изменување и дополнување на законот за заштита на децата, како и информацијата за изградба на дневен центар за деца со аутизам.

Пред министрите ќе се најде и информацијата за изградба на пругата Бељаковце - Крива Паланка, за периодот до 15.05.2018 година.

На предлог на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство на денешната седница Владата исто така, ќе ги разгледа предлог-програмите за изменување на програмите за финансиска поддршка во земјоделството, во рибарството и аквакултурата и за поддршка на руралниот развој – сите за тековната, 2018-та година.

На 77-мата седница, како материјал за информирање, Владата ќе го разгледа конечниот извештај на овластениот државен ревизор за извршена ревизија на финансиските извештаи и ревизија на усогласеност за 2016 година на Министерството за култура.

Владата на својата редовна 76-та седница го разгледа и го усвои извештајот за извршени преговори со усогласен текст на Заедничка декларација за намера на македонската Влада, застапувана од македонското Министерство за внатрешни работи и Сојузното министерство за сообраќај и дигитална инфраструктура на Сојузна Република Германија за процедури за замена на возачките дозволи. Ова претставува последна фаза пред потпишување на Декларацијата од страна на двајцата министри, со што таа и официјално би стапила на сила. Возачките дозволи ќе им бидат признаени на полнолетни лица со важечка возачка дозвола, издадена од надлежните органи во Македонија и во Германија и кои имаат законски престој на македонска територија (најмалку 180 дена во една календарска година) или на територијата на Германија (најмалку 185 дена во годината).

Министрите на денешната седница го прифатија и годишниот извештај на Министерството за финансии за управување со јавниот долг на Република Македонија за 2017-тата година. Според извештајот, јавниот долг на Република Македонија на крајот на 2017 година изнесувал 4.786,9 милиони евра што претставува 47,6% во однос на БДП. Од оваа сума, 3.187,5 милиони евра отпаѓаат на надворешниот, додека 1.599,4 милиони евра на внатрешниот јавен долг.  

Државниот долг на Република Македонија на крајот на 2017 година изнесувал 3.958,5 милиони евра односно 39,3% во однос на БДП. Со ова ниво на државен долг Република Македонија и натаму останува умерено задолжена земја со државен долг кој е далеку понизок од просечното ниво на долг на земјите на ЕУ, кој на крајот на 2017 година изнесувал 81,6%.

Според годишниот извештај на министерството за финансии бројот на вработени во 2017 година се зголемил за 2,4%, односно за околу 17 илјади лица споредено со 2016-тата година. Зголемување од 2,6% на номиналната основа и раст од 1,2% на реална основа, лани бележи и просечната нето/бруто-плата.

Владата на седницата го разгледа и го прифати извештајот за работата на Фондот за пензиското и инвалидското осигурување на Македонија во 2017-тата година. Според истиот, бројот на регистрирани осигуреници во декември 2017-та е зголемен за 5.406 осигуреници, во споредба со истиот месец во 2016-тата година. Фондот за пензиското и инвалидското осигурување, според извештајот, минатата година остварил вкупни приходи во износ од 65.319,96 милиони денари и вкупни расходи во износ од 65.148,94 милиони денари. 

Како материјал за информирање, Владата ги разгледа финансиските извештаи за работењето на АД МЕПСО во Скопје, во третиот и четвртиот квартал од 2017-тата година. Во периодот од јули до септември АД МЕПСО остварил приходи во вкупен износ од 1.490.218 илјади денари или 24,23 милиони евра и вкупни расходи во износ од 1.019.890 илјади денари или 16,58  милиони евра. Во четвртиот квартал, пак, компанијата остварила вкупен приход од 1.438.989 илјади денари или 23,40  милиони евра и вкупни расходи на износ од 1.241.793 илјади денари или 20,19  милиони евра. 

Министрите на седницата, исто така, како материјал за информирање, го разгледаа и конечниот извештај за извршена ревизија на финансиски извештаи и ревизија на Комисија од хартии од вредност на Република Македонија. Во него, меѓу другото, Државниот завод за ревизија констатирал дека во текот на 2016-тата година не е извршено усогласување на актите за внатрешна организација и систематизација на Комисијата со Закон за хартии од вредност, Законот за административните службеници и Законот за вработените во јавниот сектор, дека биле дадени преголеми права со Колективниот договор склучен со Синдикалната организација при Комисијата, од правата утврдени со одредени закони кои истите ги уредуваат. Ревизијата утврдила и неправилности во начинот на спроведениот попис на средствата и изворите на истите.

На 76-тата седница, Владата ја усвои предлог - уредбата за методологијата за распределба на приходите од данокот на додадена вредност по општини за 2019-тата година. Според пресметката којашто ја подготви Министерството за финансии, средствата ќе се распределуваат по следниот модел: фиксен дел во износ од 3 милиони за сите општини и градот Скопје и променлив дел којшто ќе се распределува според математичка формула - во зависност од бројот на жителите во општината - 65%, во зависност од површината на општината - 27% и според бројот на населени места во општината - 8%.

Распределбата на дотации од ДДВ ќе се врши од Буџетот на Република Македонија, почнувајќи од први јануари 2019-та година.
Во однос на кадровските прашања, Владата на 76-тата седница го именуваше Димитар Гаќев за в.д. директор на Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам, орган во состав на министерството за транспорт и врски.