Со државните резеври сточна храна ќе се ублажува годинашниот недостиг поради сушата

Владата ќе интервенира со одредена количина сточна храна од државните резерви за да се надмине недостигот што сериозно ги погоди фармерите, изјави денеска министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски по работниот состанок со претставниците на здруженијата на земјоделците.

Поради сушата, приносите на житните култури се намалени за 15 до 20 отсто во однос на минатата година, а колкава количина ќе се издвои од стоковните резерви допрва ќе биде утврдено.

- Ќе имаме доволно разбирање за потребите на сточарите зашто навистина сакаме да им помогнеме, истакна Димовски.

Според него, решение мора да се најде, но долгорочно. Интервенцијата преку државните резерви не треба да биде пракса. Затоа ќе се оди на варијантата, при доделувањето државно земјоделско земјиште посебно да се дефинираат површини што ќе им бидат поделени на одгледувачите на добиток исклучиво за производство на сточна храна.

- Ова подолго време беше барање на фармерите. Сега е најдобриот момент да се реализира. Ќе гледаме да обезбедиме што поголеми површини, а принципот на доделување дополнително ќе се утврдува согласно реалните потреби, рече министерот.

Ќе се разгледуваат и можностите за зајакнување на субвенционирањето во сточартсвото, особено во делот на одгледувањето стока и производството на добтично храна, иако и годинава мерките беа засилени во овој сектор. Опција, додаде Димовски, е и можноста за евентуален слободен увоз на сточна храна од одредени земји.

Земјоделците ги поздравуваат владините заложби за подобрување на состојбите во сточарство, но, покрај  спомнатите мерки, бараат и намалување на данокот на додадена вредност на сточната храна. Воедно е неопходно, велат, да се направи ред во однос на стоковните резерви, да ги земаат директно сточарите.

Не сметаат дека интервенцијата на Владата е задоцнета зашто досега се уште имаа сопствено производство јачмен и пченица. Сепак, донесувањето на ваквата одлука веќе е ургентна.

- Се случува цената на сточното брашно во малопродажбата да биде 15 денари колку што беше откупната цена на пченицата. Тоа не треба да се дозволи. Министерството за финансии мора да направи анализа, како ќе биде државата во добивка, дали доколку само дел од фармерите плаќаат 18 отсто данок или ако сите плаќаат по пет проценти, изјави претседателот на Асоцијацијата на земјоделци Ефтим Шаклев.

Кога би изнесувал пет отсто, данокот, нагласи, ќе го плаќаат сите.

На состанокот производителите информирале дека ќе бараат увозот на пченка да не се забрани како што најавуваат некои земји во соседството, Хрватска, Србија, и да биде ослободен од дополнителните давачки, како и пченицата за сточна употреба да се ослободи од сите давачки за да биде поевтина и да може да послужи како замена за пченката.

- Согласно Светската трговска организација од септември до јануари е забаранет увозот на пченица, но поради недостигот на сточна храна постои тарифа за пченица за сточна употреба. Ќе бараме таа пченица да се ослободи од сите давачки за да биде поевтина и да служи како замена за пченката, објасни Шаклев.

Македонија не е голем производител на добиточна храна. Потребите ги покрива со производство на околу 35 отсто, останатите количини се увезуваат.