Ковачевски по повод државниот празник 11 Октомври - Денот на народното востание: Како и македонските борци за слобода, едни до други, да останеме цврсти и обединети по европскиот пат напред, да создадеме иднина за следните генерации

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, на сите граѓани на Република Северна Македонија, го честита големиот државен празник 11 Октомври – Денот на народното востание.

„Благодарение на успехот во НОБ, постои денешна, современа и независна, демократска, евроатлантска Република Северна Македонија. Затоа 11-ти октомври 1941-та година, кога започнува македонското народноослободително антифашистичко востание, бил, е и ќе биде секогаш на светлите страници на македонската историја.

Македонските борци, со непокорот уште од 1903 година и успехот во Народноослободителната борба во 1944 година, го трасираат патот до слободата и државноста, но и на македонскиот напредок.

Исто како партизаните, едни до други и едни со други, да останеме цврсти и обединети по патот напред. Да ја внесеме државата во ЕУ и да ги донесеме европските стандарди во родната земја. Да одговориме на аманетот и нашата света должност - денес ние, да создадеме иднина за следните генерации!“, порача во чест на денешниот државен празник, премиерот Ковачевски.