Премиерот Никола Груевски денеска при посетата на античкиот локалитет Стоби рече дека со финансиските средства што ги обезбеди Владата за истражувањата на неколку археолошки локалитети, во Македонија нема невработен археолог.

Тој истакна дека наместо 20 милиони денари побарани од Министерството за култура, со ребалансот на Буџетот Владата за археолошки истражувања во земјава издвоила 40 милиони денари. Според него, Стоби е огромно наоѓалиште, каде што досега е истражен многу мал дел и додаде дека истражувањата ќе траат уште многу години.
На локалитетот Стоби, каде што 15-тина дена се работи на најновиот проект на откривање на раноримски културни слоеви, наспроти античкиот театар, премиерот беше во придружба на министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска и директорот на Управата за културно наследство Паско Кузман.
Стручните лица кои работат на археолошките ископувања во Стоби се надеваат дека во делот кај бедемот, каде што се истражува, ќе бидат откриени најстарите објекти од римскиот период.
Директорот на Управата за заштита на културното наследство Паско Кузман очекува во иднина Стоби да стане атрактивен локалитет за туристите и за сите кои се интересираат за археологијата. Тој најави дека до крајот на годината ќе има паралелни истражувања на неколку значајни археолошки локалитети во Македонија за што се обезбедени потребните финаниски средства.