Бесими ја отвори конференцијата „Придонесот на ЕУ кон безбедноста и вклученоста на земјите од Југоисточна Европа“

Министерот за одбрана Фатмир Бесими денеска ја отвори дводневната  конференција насловена „Придонесот на Европската Унија кон безбедноста и вклученоста на земјите од Југоисточна Европа“, која се одржува во Скопје, во ко-организација на Министерството за одбрана и РАЦВИАЦ – Центарот за безбедносна соработка, поддржано од ТАИЕХ при Европската Комисија.

Свои излагања имаа и претставникот од Делегацијата на ЕУ во Република Македонија, Роберт Лидел и директорот на РАЦВИАЦ, амбасадорот Никола Тодорчевски.

- Нашата средба денес е потврда на нашите одделни и заеднички напори и успеси. Впрочем и самиот наслов „Придонесот на ЕУ кон безбедноста и вклученоста на земјите од Југоисточна Европа“, говори за посветеноста на ЕУ кон Регионот и за потврдувањето на евроинтегративните напори на нашата земја и на Регионот во целина. Таа е истовремено доказ за напредокот на заедничката безбедносна и одбранбена политика од нејзините почетоци, како и доказ за улогата на ЗБОП во интегрирањето на Регионот во Европа, истакна Бесими во обраќањето.

Тој изрази уверување дека овој настан ќе ја истакне важноста на натамошното развивање на Заедничката безбедносна и одбранбена политика во тесна врска со стремежот на Регионот кон неговата јасна Европска перспектива.

- Интеграцијата на Балканот треба да биде предизвик за сите земји членки на ЕУ подеднакво како што е за нас. Тоа всушност е и природен процес кој не само што ќе ја направи Унијата посилна и побогата, туку, исто така, ќе придонесе за постигнување трајна безбедност на европскиот континент. Всушност, тоа ќе го заврши процесот на градење на Обединета Европа, потенцираше Бесими.

Тој потенцира дека одбележувајќи ја 20-годишнината од формирањето на АРМ, гордо се одбележува и долгогодишниот успешен придонес во градењето на светскиот мир и безбедност докажан преку веќе завршениот придонес во операцијата „Слобода за Ирак“, како и преку актуелниот придонес во НАТО предводената операција ИСАФ во Авганистан, операцијата на „ЕУФОР“ во БиХ, „Алтеа“, како и во операцијата предводена од ОН, Унифил во Либан. Република Македонија е дел и од Концептот на борбените групи на ЕУ, учествувајќи во Борбената група која е на располагање на ЕУ во втората половина на 2012 година.

Инаку, целта на настанот, кој е во рамки на Заедничката безбедносна и одбранбена политика (ЗБОП) наменет за земјите-кандидати и потенцијалните кандидати за членство во ЕУ од Регионот на ЈИЕ, е да се потврдат евроинтегративните напори на нашата земја и на Регионот во целина, преку споделување на вредностите на ЗБОП, развивајќи заедничка безбедносна култура и ефикасна соработка помеѓу Европската Унија и земјите од Југоисточна Европа.

На настанот учествуваат околу 60 претставници од државни институции од Регионот и од Република Македонија кои работат на проблематика поврзана со Заедничката безбедносна и одбранбена политика, како и предавачи, експерти во неколку конкретни аспекти на Заедничката безбедносна и одбранбена политика, кои се поврзани со развојот на капацитетите на ЕУ, кризниот менаџмент, цивилно-воената соработка, финанисирањето на операциите на ЗБОП, Европската одбранбена агенција, партнерството со НАТО, како и влијанието на ЗНБП и ЗБОП на земјите кандидати и потенцијалните земји кандидати во процесот на пристапување во ЕУ.