Средба на вицепремиерот и министер за финансии Ставрески со извршниот директор на ММФ

Во рамки на пролетните среби на Светска банка и Меѓународниот монетарен фонд во Вашингтон, заменик претседателот на Владата и министер за финансии Зоран Ставрески оствари средби со извршниот директор на ММФ Мено Снел, потпретседателот на Светска банка Филип Леру и директорката за Македонија во Светска банка Џејн Армитаџ.

Вицепремиерот ги запозна високите претставници на Светска банка и ММФ со економските случувања во Македонија, ребалансот на буџетот и финансиската поддршка од Дојче банка, како и реформите кои се спроведуваат на економски план.

Претставниците на Светска банка и ММФ пак, од нивна страна, го поздравија навремениот ребаланс на буџетот согласно актуелните случувања со должничката криза во Европа со што ќе му се помогне на стопанството во Македонија. Исто така, истакнаа дека поволните услови под кои реномирана европска банка како Дојче банка и одобрила кредит од 250 милиони евра на Македонија се потврда за добриот имиџ кој македонската економија го има на меѓународниот пазар на капитал.

Светска банка искажа и подготвеност да ја поддржи развојната политика на Република Македонија со 100 милиони долари за развој на конкурентноста и поддршка на реформите во економијата, здравството, образованието и социјалната сфера. Со ова Светска банка докажа дека е сигурен и постојан партнер на патот на економскиот и општествен развој на Македонија.