Груевски: Цврсто верувам дека ќе бидат пронајдени сторителите на убиството кај Смилковци

Цврсто верувам дека сторителите на грозоморното дело ќе зажалат, длабоко ќе зажалат за петмината убиени кај Смилковското Езеро, изјави денеска премиерот Никола Груевски.  

- Сега треба да се остави Министерството за внатрешни работи да ја сработи својата работа. Како што кажав, вработените во МВР и полицајците се обучени и високо мотивирани. Помотивирани ги немам видено до сега. Оттука излегува мојата цврста верба дека ќе го најдат сторителот на ова грозоморно дело, ќе ги најдат овие монструми кои убија петмина недолжни луѓе кои веројатно не ги познаваат и никогаш не ги сретнале претходно и не знаеле веројатно ни како се викаат во моментот кога ги убивале. Тоа можело да го направи само монструм и никој друг, изјави Груевски, кој присуствуваше на пуштањето во употреба на нова клучка за пристап до аеродромот „Александар Велики“.

Смета дека е потребно време бидејќи се работи за тешка и комплицирана истрага, особено затоа што убиството е извршено надвор од градот, каде што немало други луѓе. - И заради тие причини МВР дознава неколку часа подоцна. Нормално во меѓувреме убијците имаат избегано така што истрагата се води преку специјална методологија која што бара повеќе време. Нашите единици за вакви операции се обучувани во најразвиените држави и ги применуваат технологиите и методологиите кои што се употребуваат во најразвиените држави каде што криминалистиката е отидена најнапред, рече тој.

Навраќајќи се на состанокот во МВР, Груевски додаде дека слушнал оти увидот на лице место е направен највисоко професионално што може да биде.

- Впечатокот е дека досега немало така прецизен и до толку многу професионален и детален увид како што сега е направен што ми дава исто така дополнително охрабрување што сето тоа ќе даде резултати. Вклучени се сите служби, и Службата за јавна безбедност и за државна безбедност (УБК), работат заедно, работат 24 часа. Поделени се во групи и во смени, без пауза, изјави Груевски.